За помалку од една недела Македонија врати долгови од 200 милиони евра - стопанството добива свежи пари

За помалку од една недела Македонија врати долгови од речиси 200 милиони евра. На крајот од минатата недела државата предвреме се раздолжи со Меѓународниот монетарен фонд преку отплата на 174 милиони долари, а вчера, пак, ја намали задолженоста на домашниот пазар за 25 милиони евра. Откако државата во вторникот се задолжи за речиси 21 милион евра, ден подоцна врати 45,5 милиони евра, по основ на доспеани државни хартии од вредност, пишува Лидер.

По последните отплати, државниот долг се намали на 34,9% од БДП, а јавниот на 42,2%. Со сервисирањето на обврските кои доспеваат за плаќање, Македонија останува во безбедната зона кога е во прашање големината  на долгот.

-Ова најмногу говори дали во Македонија има стабилна макроекономска ситуација, дали е стабилна состојбата со Буџетот, дали имаме или не одредени проблеми. Кога предвремено се раздолжување, кога ги враќате долговите тоа е најдобар одговор на сè, изјави премиерот Никола Груевски.

-Министерството за финансии континуирано се држи до политиката за подобрување на ликвидноста во стопанството, во насока на негова поддршка и негување партнерски однос со бизнис – заедницата, соопштија од ресорното Министерство.

Со раздолжувањето се испраќа позитивен сигнал кон странските инвеститори, важно е и за домашните компании, бидејќи покажува дека економијата е во добра кондиција и постои макроекономска стабилност, оценуваат експертите.

За навременото сервисирање на обврските пристигна и пофалба од ММФ. Шефицата на Фондот, Кристин Лагард, смета дека Македонија направила правилен чекор со одлуката предвреме да ги затвори обврските произлезени од кредитната линија за претпазливост, со што се искачи скалило погоре на меѓународниот пазар на капитал.

Со ова, Македонија се профилираше како земја која навремено ги сервисира обврските кон меѓународните кредитори и која, за разлика од другите земји од регионот, се уште е во безбедната зона.

Навремено сервисирање на обврските

Светската банка во последниот, јануарски извештај, потврди дека јавниот долг на Македонија е под регионалниот просек, кој изнесува 52,3% од БДП.

Според податоците на Министерството за финансии, државниот долг на крајот минатата година, во четвртиот квартал изнесувал 38,1% од БДП, што претставува намалување од 1,1% во однос на третиот квартал. Во истиот период, јавниот долг изнесувал 45,8% од БДП, за 0,7% намален во однос на третиот квартал.

Со последните отплати на кредитите, државниот долг се намали на 34,9% од БДП, а јавниот на 42,2 % од БДП, кои се едни од најниските во Европа.

-Раздолжувањето е особено важно ако се има предвид дека многу земји- членки на Европската унија не се во состојба редовно да ги сервисираат своите долгови и тешко добиваат одобрување за пролонгирање за враќање на долговите, смета извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.

Според последните податоци на Еуростат, кои се однесуваат на третиот квартал од 2014-та година, просечниот јавен долг на земјите – членки на Еврозоната изнесува 92,1% од БДП, додека во целата Европска унија 86,6%.

Најзадолжена е Грција со јавен долг во висина од 176% од БДП, потоа Италија 131,8% и Португалија 131,4% од БДП. Над границата од 100% од бруто домашниот производ се и Ирска со 114,8%, Белгија со 108,2% и Кипар со 104,7%.

Долгот на моќната Германија изнесува 74,8% од БДП во третиот квартал од минатата година, додека на Франција- 95,3% од БДП.

Во однос на земјите од соседството Хрватска и Словенија имаат долг од 78% од БДП, а најдобро стои Бугарија со долг од 23,6% од БДП.

Истовремено, јавниот долг на Србија, заклучно со 31 јануари, достигна 72,3% од БДП, додека долгот на Албанија изнесува 69,1%, а на Црна Гора 58% од БДП.

 

 

Оцени ја веста

05.03.2015 - 09:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега