„Ми се пружи шанса да куртулам од долгот" - граѓаните среќни со отписот на долгови

Борчот е страшен. Не бадијала рекол народот, прај што ќе правиш, ама борчлија да не останеш. Кога човек е борчлија, не му е мило јадењето, ни пиењето, ни спиењето, ни смеењето. Овие стари народни мудрости важат и денес, а ние ги почувствувавме на своја кожа. Ова се дел од коментарите на граѓаните чии долгови се веќе минато, како резултат на владината мерка – еднократен отпис на долгови на социјално загрозените категории граѓани, пишува Лидер.

“Имам голема сметка за струја. Имам многу долгови. Можеби 5-6 години не сум платила за струја.Постојано доаѓаат, ме исклучуваат. А како велат старите борчот е полош и од треската“

“Извршители ми доаѓаа. Должам, а со 2300 денари неможам да издржам. Ми се пружи шанса да се куртулам од долгот, а оваа Влада донесе добра одлука.

“Јас имав долгови за радиодифузна такса. Долгот ми изнесуваше 4000 денари. Поднесов документи, а тие долгови ми беа за 2012 и 2013 година, аплицирав како невработен . Задоволен сум од проектот и благодарност до Владата, ова е една одлична помошжж

“Имав стар долг за струја, поднесов документи и подоцна ме известија дека ми е отпишан долгот“ беа коментарите на дел од анкетираните граѓани кои добија решенија за отпис на долговите.

Отпишани долгови на 9000 семејства – поднесени се вкупно 41 765 барања

Досега се отпишани долгови висина од 900 милиони денари на 9.000 семејства во рамки на владината мерка за еднократен отпис. Најголемиот дел од отпишаните долгови се за струја, кредити и минуси на трансакциски сметки и за долгови за радиодифузна такса и топлинска енергија. Вкупно во рамки на мерката се поднесени 41.765 барања и се работи на подготвување решенија. На триесетина од нив вчера во Владата им беа доделени решенијата за отпис на долговите. Решенијата ги додели премиерот Никола Груевски, во присуство на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

-Реагиравме човечки, реагиравме како ниту една влада во светот што не реагираше, се надевам дека Владата помогна на многумина и економски растовари голем број семејства на кои навистина им беше потребна помош.За разлика од некои други држави каде што се отпуштаа работници, се зголемуваа даноците и се преземаа голем број други мерки кои ја отежнуваа и така тешката ситуација на луѓето, во Македонија се случуваа малку поинакви процеси, истакна Груевски.

Еднократниот отпис на долгови на граѓаните е мерка која директно се однесува на корисниците на социјална и постојана парична помош, невработените лица кои бараат работа повеќе од 12 месеци и лицата изложени на социјален ризик поради тешка болест, настапена инвалидност или смрт на брачниот другар.

-Во разните контакти со граѓаните проценивме дека токму овие категории граѓани во услови на економска криза имале особени потешкотии да ги сервисираат своите долгови за струја, парно, телевизија или пак долгови кон некои банки, не постои човек кој во животот не се соочил со проблеми и со потреба од помош и токму затоа, треба да си помогнеме секогаш кога можеме и секогаш кога е потребно. Од тука сметам дека направивме добро дело и дека ова е одличен пример и голема победа за социјалната солидарност во Република Македонија,рече премиерот Груевски.


Македонија прва земја која отпиша долгови – соседите ја копираа идејата

По примерот на Македонија и другите земји воведуваат мерки за ублажување на финанските тешкотии на граѓаните. Од регионот хрватската влада почна со отпишување на долговите на социјално загрозените граѓани, а црногорците ги прават последните подготовки за примена на оваа мерка.

Барања за отпис на долговите граѓаните можеа да поднесат од 18 август до 13 октомври минатата година. Се отпишуваа долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година. Барања можеа да поднесат лица приматели на социјална помош, невработени подолго од 12 месеци и лица кои имале смртен случај или инвалидитет во семејство кои не можеле да ги исплаќаат обврските.

 

 

Оцени ја веста

10.03.2015 - 09:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега