Детали за најголемата акција за заплена на дрога на македонската полиција

Македонската полиција ја реализираше најголемата акција за заплена на дрога годинава. Како што дознава Press24 запленети се над 100 килограми марихуана.

Од МВР истакнаа дека Секторот за недозволена трговија со дрога при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во рамки на Оперативната обработка „Оган“ реализираше случај со кој е пресечен меѓународен канал на недозволена трговија со марихуана од Албанија преку Македонија до Швајцарија. Запленети се вкупно 143,726 килограми наркотична дрога марихуана  и околу 700 грама непозната прашкаста материја кафеава боја која служи за мешање со хероин, а за делото приведени се шест лица македонски државјани, додека едно лице сеуште не е достапно на органите на прогон.

Вчера околу 17 часот по претходно добиени сознанија за лица кои што се занимаваат со вршење на кривични дела поврзани со недозволена трговија со наркотици, МВР презеде мерки и активности во реонот на населба Ченто и Арачиново. Поради постоење на основи на сомнение дека ќе се пронајде наркотична дрога или други предмети кои потекнуваат од кривично дело, од страна на полициски службеници на улицата „Алија Авдовиќ“ во населба Ченто беа сопрени две патнички возила управувани од двајца скопјани на возраст од30 и 37 години, при што извршен е преглед на лицата и возилата. При вршење на прегледот на возилото марка „Голф“ со скопски регистарски ознаки, бела боја, управувано од 37 годишното лице беа пронајдени  65 пакувања правоаголна форма облепени со салотејп трака, исполнети со непозната растителна материја–зелена боја, додека при вршење на прегледот на второто возило марка „Мерцедес“, црна боја, со пробни регистарски ознаки, управувано од второто лице, во багажниот простор беа пронајдени 33 пакувања правоаголна форма облепени со селотејп трака исполнети со непозната растителна материја–зелена боја.

Пронајдените 98 пакувања исполнети со растителна материја–зелена боја беа одземени со потврда, а лицата се лишен од слобода.

Одземената растителна материја е предадена во Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР на РМ,  заради понатамошно вештачење, и по извршеното вештачење утврдено е дека се работи за наркотична дрога марихуана со вкупна тежина од 143 килограми и 726 грама. Запленетата марихуана при продажба на нарко пазарот во Швајцарија би достигнала цена од околу 600 000 евра.

Според досегашните сознанија двете лица се дел од поголема криминална група, инволвирана во извршување на криминални активности од областа на недозволената трговија со марихуана и хероин. Членовите на криминалната група беа предмет на криминалистичка обработка со цел утврдување на криминалните активности. Во рамките на криминалистичката обработка добиена е наредба за претрес на дом од Судија во претходна постапка и беа извршени два претреси на дом на уште две лица од Скопје на возраст од 40 и 53 години. При извршениот претрес на домот на 40 годишното лице, во една од просториите во кои престојувал неговиот син пронајдена е една полиетиленска кеса со натпис TIP TAP-CALZATURE, во која била сместена помала полиетиленска кеса исполнета со прашкаста материја кафеава боја со вкупна тежина од околу 700 грама,. Прашкастата материја е одземена со потврда за привремено одземени предмети и истата е предадена во Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР на РМ заради понатамошно вештачење. По извршеното вештачење утврдено е дека се работи за материја која служи за мешање со хероин.

При вршење на претресот на дом на второто лице утврдено е дека истиот неовластено се приклучил на електричната мрежа пред електричното броило, со што е утврдено дека постои основано сомнение дека истиот исвршил кривично дело „Кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“ казниво по чл.235а од Кривичен законик на РМ.

Во акцијата, како членови на организирана криминална група од слобода се лишени вкупно четири лица од с.Арачиново, Скопје, додека петтиот сеуште не е достапен за органите на прогонот и потрагата продолужва за истиот.

МВР на РМ во координација со ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција продолжува со преземање на мерки и активности за целосно расчистување и документирање на случајот, по што од страна на Секторот за недозволена трговија со дрога од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција ќе биде поднесена кривична пријава против шест лица од Скопје, за сторено кривичното дело - “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” предвидено и казниво по член 215 од Кривичниот законик на Р. Македонија. Исто така, ќе биде поднесена и кривична пријава до ОЈО Скопје против едно од лицата и за сторено кривичното дело - “кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“ казниво по чл.235а од Кривичен законик на Р.Македонија.

 

 

 

 

Оцени ја веста

11.03.2015 - 13:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега