Нова амбуланта ќе се гради во Миладиновци - нов Здравствен дом ќе никне во Илинден

Општина Илинден во насока на унапредување на квалитетот на здравствената заштита на граѓаните, почна со активности за изградба на нова амбуланта во населено место Миладиновци, со што ќе се реши еден од поголемите проблеми на жителите на шест населени места во општината.

Амбулантата, соопштија од општината, ќе се гради на местото на постоечката која е во многу лоша состојба и не ги задоволува потребите на граѓаните.

Новата амбуланта ќе се простира на површина од 250 метри квадратни, а на пациентите ќе им бидат на располагање две ординации за општа медицина, стоматолошка ординација, просторија за патронажа (вакцинација), просторија за интервенција, лабораторија, аптека, чекална, како и тоалети за пациентите.

Со изградбата на новата амбуланта, проект што се реализира во соработка со Министерството за здравство и Здравствен дом Скопје, ќе се овозможат квалитетни здравствени услуги за граѓаните не само од Миладиновци, туку и од населените места Бујковци, Мршевци, Бучинци, Текија и Дељадровци.

Постоечката амбулантата ќе биде во функција се до изградбата и предавањето во употреба на новата, по што постоечкиот објект ќе се отстрани заради партерно уредување.

Покрај амбулантата во Миладиновци, наскоро нов Здравствен дом ќе добијат и жителите на населбата Илинден. Со изградбата на овој Здравствен дом на граѓаните ќе им се овозможи широк спектар на здравствени услуги во местото на живеење, со што повеќе не ќе мораат да патуваат по дваесеттина километри за да извршат одредени испитувања. 

 

 

Оцени ја веста

16.03.2015 - 11:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега