Приштина го обвинува Белград за кршење на бриселските договори за Северно Косово

 

Белград продолжува да ги крши договорите постигнати во Брисел со тоа што поддржува „паралелни структури“ во Северно Косово, чие отстранување е клучно за ефективно спроведување на договореното, се наведува во извештајот на владата во Приштина за спроведувањето на договорот меѓу Белград и Приштина во периодот од декември 2014 до март 2015, кој е испратен во Брисел.

 - Поддршката од Србија на паралелните структури сериозно го загрозува напредокот во функционирањето на законот и интегрирање на четирите општини на север во системот на Косово. Србија продолжува со кршење на договорот од Брисел барајќи од овие општини да не усвојуваат општински буџети во обид да спречат интеграција на здравствениот и образовниот систем со системот на Косово, се наведува во извештајот, потпишан од министерката за дијалог Едита Тахири. 

Весникот „Коха диторе“ пишува дека во извештајот се наведува дека овој временски период е одбележан со негативни акции на Србија, која продолжува со поддршка на паралелни структури на Косово. 

Градоначалниците на општините во Северно Косово, според извештајот, имаат политичка поддршка од Србија и со неформална сила го поткопуваат работењето на градоначалниците и органите на општините избрани во согласност со законите на Косово. 

Во извештајот се истакнува и постоењето на оружени структури во Северно Косово, познати како „цивилна заштита“. Косово покажа интерес за забрзување на спроведувањето на планот за отстранување на „цивилната заштита“ и интегрирање на нивните членови во косовските институции, се наведува во извештајот, наведувајќи дека Србија постојано доцни и не обезбедува нивно реформирање, вклучително законски регулативи за отстранување на структурите. 

Според Косово Србија, исто така, продолжува со поставување препреки на земјата за вклучување во регионални организации, дури и во случаи во кои Косово веќе е член.

 

 

Оцени ја веста

25.03.2015 - 14:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега