Иванов ги прими акредитивите на новите амбасадори на Саудиска Арабија и Мексико

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Кралството Саудиска Арабија и на Соединетите Мексикански Држави за Република Македонија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Кралството Саудиска Арабија, Талам Салем Радван, претседателот Иванов истакна дека во основата на односите меѓу двете земји е духот на меѓусебното разбирање и почитување, со бројни потенцијали за соработка во многу сфери од заемен интерес. Македонскиот претседател, како што стои во соопштението од неговиот Кабинет, ја нагласи потребата од продлабочување на економската соработка, како и збогатување на нормативно-правната рамка за уредување на билатералните односи и соработка.

Новоименуваниот амбасадор на Кралството Саудиска Арабија, во поздравното обраќање ги констатираше добрите односи меѓу двете земји, изразувајќи увереност за нивното понатамошно зацврстување.

На свеченоста по повод предавањето на акредитивните писма од страна на новоименуваниот амбасадор на Мексико, Хосе Еваристо Рамон Шилоти Рамирес, претседателот Иванов изрази задоволство од успешниот и нагорен развоен тренд во билатералните односи меѓу двете држави, со надеж за искористување на потенцијалите за соработка во сите области од заемен интерес, особено во економската културната и образовната сфера, како и сферата во доменот на науката и технологијата.

Новоименуваниот амбасадор истакна дека Македонија и Мексико се географски оддалечени, но кога постои волја за меѓусебно разбирање и соработка, далечината е неважна, се наведува во соопштението. Двете нации знаат дека соработката меѓу народите е формулата за реализирање проекти од заемен интерес.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

 

 

Оцени ја веста

27.03.2015 - 15:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега