Започна средбата на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со тројката европратеници

Во зградата на Европскиот парламент во Брисел попладнево почнаа билатералните средби на претставници на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ со тројцата европратеници Иво Вајлг, Едвард Кукан и Ричард Ховит, под будното око на двајцата претставници на Европската комисија - Дејвид Кулен, кој е одговорен за досието „Македонија во Генралниот директорат за проширување и Кристина Грау од кабинетот на еврокомесарот Јоханес Хан, јави дописникот на МИА.
 
Според планот, прво се одржува средба со претставниците на СДСМ, а потоа и со ВМРО-ДПМНЕ. Доколку на билатералните состаноци има некаков напредок во дијалогот за решавање на политичката криза во Република Македонија, ќе биде одржана и заедничка средба. Ако, пак, тројката европратеници оцени дека нема допирни точки и оти остануваат разликите меѓу двете страни, можно е да заедничка средба да не се одржи.   
 
Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ ја сочинуваат Никола Попоски, Никола Тодоров и Илија Димовски, а на СДСМ Радмила Шекеринска, Рената Треневска-Дескоска и Виктор Габер.
 
Според она што беше најавено и на минатонеделниот Семинар за политичка култура во Европарламентот, на кој присуствуваше Шекеринска и двајца други пратеници од редовите на СДСМ, како и Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, европратениците не се очекува да понудат решение, туку тоа се очекува од Шекеринска и Попоски и нивните тимови, а Вајгл, Кукан и Ховит ќе се обидат да го олеснат дијалогот и да ги најдат заедничките точки за можен договор. Очекувањата од Брисел се враќање на СДСМ во македонското Собрание и ставање крај на политичката криза што ја оддалечува Македонија од евроинтеграциите, преку институционална и политичка разврска на случајот „Пуч, односно формирање на собраниска Анкетна комисија.
 
Од кабинетот на еврокомесарот Хан, во петокот за МИА посочија дека претставниците на Европската комисија нема да имаат никаква олеснителна улога во дијалогот во Брисел и посочија дека ниту пред, ниту по состанокот не би сакале да даваат никакви коментари. Нивните надежи се дека дијалогот ќе успее.
 
Денешниот дијалог на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се одвива зад затворени врати и се очекува да трае повеќе часови. Доколку истиот не успее, се најавува одржување на нов, кој би се случил по Велигденските празници, во втората половина на идниот месец, со место на одржување во Скопје или повторно во Брисел.
 

 

Оцени ја веста

30.03.2015 - 12:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега