Потпишан договорот: Новата италијанска инвестиција ќе донесе 200 вработувања

Договорот со италијанската компанија Диатек која отвора свој капацитет во Македонија и ќе вработи 200 лица, денеска беше потпишан  по средбата што претставниците на компанијата ја остварија со премиерот Никола Груевски во Владата на Македонија.

Договорот го потпишаа сопственикот на компанијата „Диатек“ Диего Мосино и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо. На потпишувањето, покрај премиерот Груевски, присуствуваше и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, кој истакна дека инвестицијата се реализира како резултат на сите економски политики на Владата за привлекување странски инвестиции, како и со помош на македонската дијаспора во Италија.

- По неколку месеци преговори одлучија да инвестираат како резултат на стратегијата која ги вклучува сите елементи за привлекување странски инвестиции, рече Пешевски.

Инаку, првиот дел од капацитетот ќе биде изграден во ТИРЗ Скопје 1, односно во Бунарџик и во средината на овој месец треба да се инсталираат машините кои се произведуваат од македонска компанија во Кочани. Производството се очекува да почне во јули годинава, а процесот на вработување ќе стартува со 30-ина од вкупно планираните 200 лица.

Сопственикот на „Диатек“ Мосино истакна дека одлуката да инвестираат токму тука ја донеле бидејќи Македонија нуди одлични услови за бизнис, додека директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо посочи дека фабриката во првата фаза ќе се простира на 2.500 метри квадратни и дека според потребите понатаму може да се проширува. Извозот што ќе го остварува се проценува на околу 15 милиони евра, а постои простор тој да се зголеми и за трипати.

 

 

Оцени ја веста

30.03.2015 - 14:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега