Иванов: Партиите треба да се соочат со реалноста

Политичките партии треба да ја сфатат улогата што ја имаат во општеството и последиците од сите нивни активности и неактивности, порачува македонскиот претседател Ѓорге Иванов во интервју за телевизија Сител, коментирајќи ги актуелните случувања на политичката сцена.

Претседателот Иванов изразува подготвеност да помогне за надминување на актуелната состојба, но вели дека до решение единствено може да се дојде преку дијалог.

- Јас учествував во справувањето со две поранешни кризи. На моја иницијатива имаше и лидерски средби, имав и мои иницијативи. Тие иницијативи беа поддржани од европскиот комесар Фуле. Меѓутоа, тоа останува на лидерите на партиите, затоа што тоа е партиска работа. Партиите треба да се соочат со реалноста. Дали сакаат излез од оваа ситуација, и дали сакаат на некој начин со сево ова што ни се случува да ги променат своите структури. Бидејќи после ова се неопходни промени во сите политички партии. Партиите треба да ја сфатат улогата што ја имаат во општеството и последиците од сите нивни активности и неактивности. Доколку има желба, јас секогаш сум тука, секогаш сум излегувал во пресрет, да помогнам. Освен дијалог, на кој друг начин политички би ги решавале состојбите? Сега е време на отрезнување и освестување. Сами можете да видите, кога отсуствува дијалог со надлежни институции што се случува, рече Иванов.

Прашан каде го гледа решението, претседателот Иванов со став дека е сега момент да покажеме колку ги почитуваме Уставот и законите.

- Решението ќе биде резултат на сето она што ние ќе го иницираме, бидејќи прв пат се соочуваме да се видиме самите себе, какви сме и што сме. Со кој капацитет располагаме и како ги почитуваме институциите и процедурите. Колку ги почитуваме Уставот и законите и колку го почитуваме она за што сме се договориле. Сега станува збор за една чиста политика и капацитет на политичките лидери и политичките партии, да покажат колку умеат да се справуваат со вакви состојби во интерес на државата и во интерес на граѓаните, и пред се од аспект на европската агенда. И затоа тука се и партнерите од Европа, значи Европскиот парламент во овој случај, во следна фаза најверојатно Европската комисија и на крај Европскиот совет. Но и тука, кога ќе ги завршиме нашите обврски, ќе имаме образ да бараме и да очекуваме од Европскиот совет да се соочи од последиците од своите одлуки, односно неодлуки. Дури тогаш можеме да прозиваме и да кажеме дека удел на сево ова има и тоа што Европскиот совет до сега не најде начин Македонија да ги почне преговорите. Тоа не е на некој начин алиби за сето она што ни се случува, но дека има удел сето тоа и создадените фрустрации, незадоволства кај сите во политичките процеси во Македонија. Еден ден сево ова кога ќе се заврши, секој ќе знае кој е неговиот удел и со што придонел да ни се случува ова и со што придонел вакви нешта да не ни се повторуваат, истакна Иванов.

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов го поздрави почетокот на разговорите меѓу претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ денеска во Брисел.

- За поздравување е секој дијалог, затоа што на тој начин отпочнува процесот кој треба да дојде до некоја завршница. Активноста на Европскиот парламент, односно тројцата негови претставници, на некој начин навестува дека ќе се разговара за тоа што го бара Европскиот парламент – сите активности да се одвиваат во нашиот Парламент, во Собранието. Услов за тоа е опозицијата да се врати во Собранието и таму да ги користи сите механизми и инструменти за сето она што го тврди преку своите прес-конференции и јавни настапи, сето тоа добие институционална завршница, рече претседателот Иванов.

Во врска со прозивките дека досега не излегува во јавноста, претседателот Иванов истакна дека иако не бил присутен во јавноста, тоа не значело дека тој не остварува одредени средби и активности за справување со состојбата.

- Во изминатиот период имав интензивна агенда и средби со многу надлежни институции од сферата на безбедноста, средби со многу амбасадори, а присуството на клучните меѓународни настани како што се Минхенската безбедносна конференција, присуството во Обединетите нации во Женева, Европската академија во Салцбург и Форумот Кран Монтана, беа можности за споделување на сознанија и информации со нашите пријателски земји, пријателите на Македонија за сите актуелни состојби. Во овој период и не чувствував потреба сето тоа да се соопштува во јавноста, затоа што има многу работи кои што се случуваат зад затворени врати, рече претседателот Иванов.

 

 

Оцени ја веста

30.03.2015 - 21:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега