ЕУ со став: СДСМ итно да се врати во Собранието и да престане да објавува телефонски разговори

Во Европскиот парламент заврши и билатералната работна средба на тројцата претставници на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Попоски, Никола Тодоров и Илија Димовски со европратениците Иво Вајгл, Едвард Кукан и Ричард Ховит, а во рамки на дијалогот што со посредство на Европарламентот се води со претставници на СДСМ во Брисел, пренесува МИА.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, претходно се одржа одвоена средба на претставниците на СДСМ со тројката европратеници и Дејвид Кулен и Кристина Грау од Европската комисија, а во моментов се одржува работен ручек на Вајгл, Кукан и Ховит со Никола Попоски и Радмила Шекеринска.

Исто како и Шекеринска, Рената Треневска-Дескоска и Виктор Габер, кои го претставуваат СДСМ на денешниот бриселски дијалог, и тројката од ВМРО-ДПМНЕ одби да даде изјава по нивната одвоена средба со европратениците и претставниците на Еврокомисијата. Ставот е откако ќе заврши целиот процес на разговори во ЕП, тогаш страните и европратениците да излезат со официјален став за нивниот исход.

Неофицијалните информации од двете средби се дека став на европратениците е итно враќање на македонските социјалдемократи во македонското Собрание и прекинување со објавување на телефонските разговори што се стекнати на нелегален начин, за што ќе следува судскиот случај „Пуч” на кој ќе се докажува нивната автентичност.

Според најавите, доколку европратениците и претставниците на Еврокомисијата од билатералните средби со претставниците на двете македонски партии добијат впечаток дека има допирни точки за можен дијалог и договор, како и по работниот ручек на кој присуствуваат само Попоски и Шекеринска од двете македонски партии, тогаш попладнево е можна заедничка средба на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Без разлика на исходот од денешните првични разговори, од Европарламентот најавуваат дека по Велигденските празници ќе се одржи нова средба со цел ставање крај на политичката криза во Македонија и враќање на СДСМ во Собранието.

 

 

 

 

Оцени ја веста

30.03.2015 - 21:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега