Избрана нова Влада на БиХ

Речиси шест месеци по парламентарните избори одржани лани во октомври, Собранието на Босна и Херцеговина денеска ја избра новата Влада на земјата предводена од Денис Звиздиќ од Партијата за демократска акција (СДА). 

Како што јави Фена, „за“ избор на новиот Совет на министри на БиХ се изјаснија 26 членови на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание, седуммина беа „против“, а еден се воздржа од гласање.

Нов босански министер за финасии и трезор е досегашниот премиер Вјекослав Беванда од Хрватската демократска заедница (ХДЗ), а со ресорите одбрана и правда ќе раководат неговите сопартијци Марина Пендеш и Јосип Грубеш.

Шеф на босанската дипломатија е Игор Црнадак од Партијата за демократски прогрес (ПДП), а нов министер за надворешна трговија и економски односи е Мирко Шаровиќ од Српската демократска партија (СДС).

Нов министер за цивилни работи е Семиха Боровац, а за човекови права и бегалци Адил Османовиќ, и двајцата членови на СДА. 

Драган Мектиќ од СДС е министер за безбедност, а Славко Матановиќ од Демократскиот фронт (ДФ) ќе раководи со Министерството за сообраќај и врски.

По изборот на новата Влада, претседавачот на Претседателството на БиХ, Младен Иваниќ изјави дека е задовлен што конечно заврши процесот на формирање на извршната власт во земјата, нагласувајќи дека сега силите треба да се насочат кон усвојување на реформски закони.   

- Време е луѓето кои се избрани да дојдат во позиција да работат, бидејќи е потребен пресврт на работите во БиХ, рече Иваниќ, додавајќи дека очекува новоизбраниот Совет на министри да го продолжи процесот на економски реформи, бидејќи „на општеството му требаат токму тие промени“.

- Се надевам дека Советот на министри нема да се вклопи во сивилото на претходните гарнитури, дека ќе донесе нешто ново и ќе остави некаква трага, за разлика од претходните состави, кои зад себе не оставија ништо, порача Иваниќ. 

 

 

Оцени ја веста

31.03.2015 - 16:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега