Следната недела средба Попоски-Коѕиас

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас следната недела во Будимпешта ќе се сретне со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, на маргините на состанокот за енергетска безбедност во Централна и Југоисточна Европа, пренесе МИА.

Како што соопшти грчкото Министерство за надворешни работи, Коѕиас во понеделник ќе замине во Будимпешта, а во вторник ќе има одвоени средби со премиерот на Унгарија Виктор Орбан, министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ, на Македонија Никола Попоски, и со министерот за европски прашања на Турција, Волкан Бозкир.

Шефот на македонската дипломатија Попоски минатиот месец се сретна со неговиот грчки колега, на маргините на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, во Рига.

Македонското Министерство за надворешни работи за средбата во Рига соопшти дека со Коѕиас биле разменети првични оценки за билатералните односи и ефектите од блокадите во интеграцијата на Република Македонија.

Исто така, била укажана подготвеност за соработка на сите полиња и неопходност од отворен дијалог за наметнатото прашање, во согласност со меѓународното право, преземените обврски и почитување на основните човекови, но и демократските права на секоја суверена држава.

- Политиката на изговори, уцени и држење во заложништво не ги одразува вредностите зад кои стои Европа, констатираше МНР Попоски во Рига минатиот месец. 

 

 

Оцени ја веста

03.04.2015 - 14:19
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега