Моторџијата кој усмрти пешак кај Олимписки немал дозвола

Мотоциклистот што во понеделникот го усмрти скопјанецот Бошко С. (76) немал положено возачки испит и немал 18 години, туку бил малолетник, кој не смеел воопшто да управува мотор. Според информациите на „Дневник“, возачот на моторот е на возраст од 17 години и е од скопското село Сингелиќ. Тој требало да наполни 18 години на крајот од октомври, а потоа би имал законско право да полага возачки испит за мотоцикл, пишува ДНЕВНИК

Kако што претходно информиравме, сообраќајната несреќа се случи во понеделникот околу 20 часот, на булеварот Kочо Рацин, во близина на Олимпискиот базен во Скопје. Вештачењето на трагите земени од местото на несреќата треба ја утврди точната брзина со која тинејџерот го управувал моторот, но, според првичните полициски информации, брзината со која се движел била многу поголема од дозволената.

Иако мотоциклистот се обидувал да закочи, за што сведочеа и долгите траги од кочење на коловозот, не успеал да го контролира моторот, кој бил со зафатнина поголема од 125 кубни сантиметри и да го избегне пешакот, кој веќе бил на коловозот. Од ударот старецот почина на самото место на несреќата. Моторџијата и совозачот со лесни повреди биле префрлени во болница. Неофицијално, од полицијата потврдуваат дека пешакот не бил на пешачки премин, но поголем дел од одговорноста ја префрлаат на младиот возач.

- Пешакот не го поминувал коловозот на пешачки премин, што исто така претставува прекршок, а младиот возач иако не смеел, управувал мотоцикл и тоа со брзина поголема од дозволената -велат за ДНЕВНИК од сообраќајната полиција. 

 

 

Оцени ја веста

04.04.2015 - 10:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега