ГДОМ: Заев да одговара за велепредавство

Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ) вечерва во спортската сала во скопската населба Автокоманда, почна со реализација на иницијативата за покренување постапка за одговорност за велепредавство за лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Како што беше најавено, собирањето потписи, што почна вечерва, ќе се одвива секојдневно по завршувањето на велигденските празници.

Од ГДОМ бараат Заев да биде еднаков пред Уставот и законите како и сите граѓани на Република Македонија и што поскоро државните институции да покренат одговорност за него и тој да биде притворен за велепредавство во врска со случајот „Пуч“ односно со, како што велат, откривањето државна тајна за набавката на опрема за МВР од Израел, како и за барањето за поткуп од 200 илјади евра за што е осомничен. 

Во обраќањето на трибината професорката Виолета Ачковска, меѓу другото потенцира дека по многу прашања имаме различни ставови и мислења, но едно ни е заедничко, а тоа е љубовта кон Македонија. Како историчар кој ги проучува историските процеси, рече, гледам каде водат сите овие надворешни мешања во внатрешните работи на Македонија.

 - Се наоѓам пред една дилема што ќе биде со македонската држава, дали македонскиот народ ќе се избори до крај за својата државотворност. Дваесет и четири години не ни овозможија да си ја изградме својата држава, блокади, ембарга, измислен спор со името која претставува дипломатска игра без граници, во  која треба да не истоштат и да не обесхрабрат. Ние сфативме дека тој чин на разнебитување на Македонија е дојден до момент кога треба да покажеме дека сме државотворен народ кој е способен да си ја зачува и гради татковината со љубов и единство, истакна Ачковска. 

Аналитичарот Александар Пандов, одговарајќи на прашањето од кого е нападната Република Македонија потенцира дека нашата држава е нападната од домашни предавници и шпиони во соработка со странска служба, а со огромна поддршка од Соросовите платеници и медиуми, предводени од Зоран Заев. Тој е искористен, подвлече Пандов, како марионета во спроведувањето на странски сценарија. 

МИленко Неделковски, кој се обрати на трибината, побара час поскоро Заев да биде притворен, а британскиот амбасадор Чарлс Гарет да биде прогласен за персона нон грата.

Според Тони Михајловски многу одамна Македонија како сега не била напаѓана, но, истакна, тука се сите оние кои 9 години недвосмислено и даваат поддршка на оваа Влада избрана во Македонија од македонскиот народ, со никакви измами и шпионажи.

- Македонија се сака со дела, со душа, со срце, нагласи Михајловски

 

 

Оцени ја веста

06.04.2015 - 21:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега