Полуматурантите денеска се запишуваат во средно училиште

Денеска и утре ќе се одржи првиот уписен рок во јавните средни училишта. Вкупно 34.971 место е обезбедено за упис во овие училишта во учебната 2013/2014 година. Од посочените места 22.694 се за стручно образование, 11.597 во гимназиско, 408 во уметничко образование и 272 ученички места во спортска гимназија.

Според јазикот на кој ќе се изведува наставата, 24.029 места се за ученици на македонски наставен јазик, 10.092 места на албански јазик, за турски јазик 816, а 34 места за учениците кои ја следат наставата на српски јазик. 

Настава по нови реформирани наставни планови и програми во тригодишното стручно образование ќе се следи во 19 средни училишта во 14 општини земјава, во вкупно 25 паралелки на македонски, албански и турски јазик. Експерименталната програма за фудбал, ракомет, кошарка и тенис ќе се реализира во Државното училиште за физичка култура “Методија Митевски Брицо” во Скопје.

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски на саботната прес-конференција посочи дека оваа учебна година по прв пат ќе може да се запишат ученици во новото средно училиште „Илинден“ во општина Илинден и тоа во две паралелки од електротехничка струка-образовни профили: електротехничар за електроника и телекомуникации и електротехничар за компјутерска техника и автоматика. Оваа година по првпат се воведуваат и нови образовни профили во три струки, мултимедиски дизајнер во државното средно уметничко училиште за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје, угостителски техничар од угостителско-туристичка струка во СУГС „Лазар Танев“  во Скопје и во СУТУ „Ванчо Питошески“ во Охрид, како и техничар за логистика и осигурување од сообраќајна струка во АСУЦ „Боро Петрушевски“ во Скопје.
 
Бројот на потребни поени за запишување во средно училиште останува ист, како и минатата учебна година и тоа: за гимназиско образование 60 поени, за здравствена струка 70 поени, за економско-правна и трговска струка 60 поени, за сообраќајна струка (за образовниот профил техничар за патен сообраќај 55 поени и за образовниот профил техничар за транспорт и шпедиција 60 поени).

За образовниот профил техничар за очна оптика од струката лични услуги 60 поени, за електротехничка струка и тоа: за електротехничар за компјутерска техника и автоматика 55 поени, за електротехничар за електроника и телекомуникации 50 поени, а за останатите образовни профили 45 поени. За образовните профили во траење од три години бројот на поени изнесува 30, за сите профили.

Намалувањето на утврдениот број на минимум поени дадени во Конкурсот ќе биде за најмногу 5 поени во второто пријавување во првиот уписен рок и уште за најмногу 5 поени во вториот уписен рок, односно вкупно најмногу 10 поени во два уписна рока.

Пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши во два уписни рока, јунски рок со две пријавувања и августовски рок со едно пријавување. 

Првото пријавување и запишување на учениците во јунскиот рок ќе биде денеска и утре, а резултатите од запишувањето и сло­бод­ните места ќе се објават на 26 јуни. Квалификационото тестирање ќе се организира во училиштата за средно образование на 28 јуни, а резултатите ќе се објават на 29 јуни. Проверката на знаењата на учениците од заедниците ќе се реализира на јазикот на кој што ученикот ја следел наставата во основното училиште.

Второто пријавување од јунскиот уписен рок и запишување на учениците ќе се врши на 1 и 2 јули, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 4 јули.

Во Августовскиот рок ќе има едно пријавување и тоа на 22 август, а резул­та­тите од запишувањето на учениците и слободните места ќе се објават на 23 август.  
 
Училиштата кои во двата уписни рока нема да ги пополнат утврдените ученички места за запишување со овој Конкурс, продолжуваат со запишување на учениците до 30 август 2013 година.
 
Според податоците на МОН во 2012/2013 година настава посетувале вкупно 22.990 осмоодделенци. Согласно Законот за средно образование, уписот во средно училиште е задолжителен.

најчитано сега