Честитка од Груевски: Иднината ќе ја градиме само преку сплотеност и заедништво

Премиерот Никола Груевски по повод Меѓународниот ден на Ромите - 8 април упати честитка до припадниците на ромската етничка заедница.

- Вреднувањето на различноста и културните посебности на секоја заедница која е дел од нашето мултикултурно општество е традиција на која сме посебно горди. На овој ден Македонија ја одбележува културната специфичност и традиции на ромската заедница која е една од најстарите на нашата територија. Со вашата единствена и препознатливa култура вие ја збогатувате разноликоста по која нашата држава е препознатлива, вели премиерот Груевски во честитката.

Силата на нашата земја, додава тој, потекнува токму од нашите различности. Начинот на кој го стимулираме развојот на етничкиот, религиозниот и јазичниот диверзитет, вели, е доказ за слободоумието и инклузивната култура која е белег на македонското општество.

- Во оваа насока и во иднина ќе продолжиме да работиме. Ќе го развиваме мултикултурализмот и активно ќе продолжиме да го поддржуваме соживотот, соработката и хармонијата на нашето општество. Таквиот принцип на братство и пријателство значи и дека проблемите и предизвиците со кои се соочува ромската заедница во Република Македонија не се само ваши, тие не засегаат сите нас. Отворањето нови работни места, подобрувањето на здравството, унапредувањето на образованието и целокупната изградба на земјата зависат само од нас и од подготвеноста да функционираме како целина, сложно и посветено, истакнува македонскиот премиер.

Иднината на Македонија, потенцира Груевски, е иднина на Ромите и наша заедничка иднина, која можеме да ја изградиме онака како што посакуваме само преку сплотеност и заедништво, како што тоа сме го правеле и во минатото. 

 

 

Оцени ја веста

08.04.2015 - 12:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега