Меѓународна конференција за вински туризам во Скопје и Демир Капија

Меѓународна конференција за вински туризам и вински патишта ќе се одржи во Скопје и Демир Капија на 24 и 25 април во организација на Министерството за економија и Фондацијата „Тиквешки вински пат” на која ќе учествуваат претставници на 12 држави.

- На конференцијата ќе бидат присутни и регионалниот директор на Светската туристичка организација за Европа Кристофер Имбсен, директорот на Институтот за културни коридори на Европа Пенелопе Дену, генералниот секретар на ИТЕР ВИТИС (вински патишта со 18 држави членки меѓу кои и Македонија преку „Тиквешки виснки пат”), директорот на Градови на виното во Италија, како и многу други гости од винскиот и туристичкиот сектор. Присутни ќе бидат и претставници на винарии и туристички работници кои се членки на фондацијата, информира Виолета Јанкова, директор на Фондацијата „Тиквешки вински пат“.

Првиот ден од конференцијата ќе се одржи во Скопје, а вториот, со форум, во Демир Капија. Во Скопје ќе се разговара за создавање мрежи на вински патишта, а во Демир Капија за потребите од едукација во туризмот, особено во винскиот туризам. Форумот ќе се одржи во центарот за едукација и вмрежување во туризмот кој е плод на прекуграничната соработка меѓу демиркаписката општина и партнери од грчка страна. Гостите ќе имаат прилика да постетат винарии и други културно историски знаменитости.

Јанкова нагласува дека по неколкугодишно работење, Фондацијата ќе ги собере на едно место Министерството за економија и своите соработници од разни институции од земјите учеснички од кои многу вински земји. На конференцијата своето присуство го имаат потврдено претставници на Шпанија, Италија, Франција, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Србија, Македонија, Албанија, Косово, Бугарија и Романија. Собирот ќе биде од затворен тип.

- Заклучоците од конференцијата ќе бидат презентирани на веб страниците на Светската организација на кластери, Светската туристичка организација, Европскиот институт за културни коридори, ИТЕР ВИТИС, како и на останатите сајтови на земјите учеснички. Со тоа ќе се промовира Македонија како земја со развиени вински туризам и вински патишта. Оваа конференција ќе помогне во напорите на Министерството за економија и „Тиквешки вински пат” за развој на овој вид на туризам во Македонија, вели Јанкова.

Таа посочи дека до 2006 година, пред да започне да функционира Фондацијата, во Тиквешко годишно доаѓале до околу 3 илјади посетители вински туристи. Благодарение на активностите на „Тиквешки вински пат“, сега годишно доаѓаат околу 50 илјади туристи.

- Правиме напори за драстично зголемување на бројот на туристи во најголемиот лозаро-винарски регион во Македонија. Тоа особено се очекува да се случи со изградбата на центарот за промоција и продажба на типични производи и вино во Демир Капија, проект на Фондацијата, рече Јанкова.

 

 

Оцени ја веста

19.04.2015 - 10:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега