Македонските компании полесно до кинескиот пазар

Сите македонски компании кои имаат интерес за настап на кинескиот пазар од денеска можат, преку Стопанската комора на Македонија, да побараат директна поддршка од Деловниот совет во кој членуваат и стопанските комори на Албанија, БиХ, Бугарија, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Црна Гора, Романија, Србија, Словачка, и Словенија.

Ова го порача потпретседателката на Стопанската комора Јелисавета Георгиева од првиот инаугуративен состанок на Советот во Катовице, Полска. 

- Деловниот совет ќе им го олесни пристапот на компаниите до пазарите во Кина преку заеднички настапи и соработка со фирмите од сите 16 земји од Централна и Источна Европа, нагласи Георгеива.

Во своето излагање, Георгиева додаде целта на Комората годинава ќе биде да воспостави врски и да ја подобри економската соработка меѓу претпријатијата, коморите и другите јавни и приватни организации од деловниот сектор на Кина, да го искористи членувањето во Деловниот совет како платформа за размена на информации во врска со активностите на членките за поттикнување на инвестициите и трговијата со Кина, да се залага за добри практики во економската соработка меѓу македонските и кинеските компании, да организира заедничка промоција и соработка за развој на трговските врски меѓу Македонија и Кина, да се вклучи во економски проекти што претприемачите од Кинаможат да ги спроведуваат  заедно со другите земји на Централна и Источна Европа, да организира стопански форуми за време на редовните состаноци меѓу претседателите на владите на Кина и на земјите од Централна и Источна Европа и да учествува на саеми и на други настани од областа на стопанството.

Сите овие активности ќе се реализираат преку Деловниот совет, согласно стратегијата на Стопанската комора за поддршка на компаниите за заеднички настап и учество на трети пазари, во насока на подобрување на конкурентноста на македонската економија.

Како што беше потенцирано на состанокот, активностите на Деловниот совет ќе бидат насочени пред се кон создавање информативни механизми со цел подобро да се разберат деловната клима и опкружувањето во земјите од Централна и Источна Европа и Кина, како и постојано споделување информации за трговија, пристап до пазари, модели за соработка и инструменти за финансирање, како и унапредување на урамнотежена трговска размена меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа.

Координаторите ги презентираа чекорите на делување на Советот во следниот период. Договорено е градење на институционалните капацитети на сите членки, делење и размена на информации преку креирање официјален веб-сајт на Деловниот совет, подготовка на месечен извештај кој ќе се дистрибуира до компаниите, како и годишен извештај за сите активности на Советот и подготовка на инвестициски водич за компаниите. 

Деловниот совет ќе одржува состаноци во однапред договорени термини за сесиите, ќе подготвува заедничка програма за активности на компаниите како трговски мисии, саемски манифестации и други настани. 

Формирањето на Деловниот совет чие седиште е во Варшава, го поздрави полскиот вицепремиер и министер за економија Јанус Пиесоцински, кој акцентот на своето обраќање го стави на значењето за бизнис-заедницата и ја подвлече не само добрата билатерална соработка на земјите од Централна и Источна Европа со Кина, туку и мултилатералната соработка, како и можностите за постојано унапредување. Пиесоцински укажа на важноста на поддршката како од владините институции, така и од бизнис-асоцијациите кои се битни за мултилатералната соработка со Кина, а бележат негативен трговски биланс во размената. 

 

 

Оцени ја веста

21.04.2015 - 11:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега