Основното јавно обвинителство Велес ја расветлува страшната железничка несреќа

Доцна синоќа во 22 часот и 30 минути на железничката пруга Велес – Скопје на околу 2 километри по железничката станица Рајко Жинзифов поточно помеѓу оваа станица и стојалиштето Пчиња, се случила тешка железничка несреќа.

Имено, според зборовите на машиновозачот на патничкиот експресен воз број 334 кој сообраќа на релација Гевгелија-Белград движејќи се во правец кон Скопје по изминувањето на железничката станица Рајко Жинзифов на околу 50-100 метри пред возот, забележале поголема група од десетици лица, како стои или оди по пругата. Во тој момент машиновозачот дал звучен сигнал и се обидел да го сопре возит, при што дел од лицата кои се наоѓале на пругата избегале, додека пак  дел од нив останале и поради неможноста на толку кусо растојание возот да сопре, удрил во истите при што дел од нив се прегазени. На растојание од околу 100-150 метри од ударот возот запрел и веќе е онеспособен за натамошно движење поради оштетувањата настанати од несреќата.

Од страна на Основниот јавен обвинител во Велес заедно со увидна екипа на СВР Велес и медицински лица од Амбулантата за Брза помош во Велес е излезено на лице место и е извршен увид, при што е констатирано дека на пругата се усмртени 14 лица. Повредени лица не се затекнати на местото на настанот. Од првичните сознанија добиени од групата од околу 10-ина лица кои од непристапниот околен шумски терен се приближиле до пругата при вршењето на увидот, добиени се сознанија дека се работи за мигранти од Сомалија и од Авганистан кои се движеле по пругата во група и во моментот кога го слушнале звучниот сигнал тие успеале да го избегнат ударот на возот скокајќи од пругата во околниот простор.

Основното јавно обвинителство Велес продолжува со истрагата за настанатата железничка несреќа.

 

 

Оцени ја веста

24.04.2015 - 09:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега