Осигурителниот бизнис во полн залет - Осигурувањето бизнис на иднината

Осигурителниот бизнис е во полн залет. 2014-та е комплетирана со позитива во сите сегменти, како во однос на брутополисираната премија (БПП) и бројот на продадени договори за осигурување, така и од аспект на капиталот, активата, бројот на вработени во осигурителните друштва, пишува Лидер.

Позитивните трендови ги потврдуваат и податоците на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, кои покажуваат дека зад нас е оставена една од најуспешните години за овој бизнис, со уште поголеми очекувања за годинава. Остварена е БПП во вкупен износ од 7,63 милијарди денари, што претставува раст од 6,06 проценти во однос на претходната година. Позитивата во делот на неживотното осигурување изнесува 4,29%, а кај животното е 21,78%.

Но, има и еден сегмент што е од особена важност, бидејќи лани сите 11 друштва за неживотно осигурување прокнижија позитивен финансиски резултат, а добивката достигна 395,86 милиони денари. Во делот на животното осигурување, добивката изнесува 9,51 милиони денари. Интересно е што три од друштвата оствариле добивка од речиси 57 милиони денари, а едно друштво прокнижи загуба од цели 47,47 милиони денари.

-Од ова се гледа дека имавме една многу успешна година, година на развој на осигурувањето во Р.Македонија. Ние очекуваме дека и годинава ќе има раст во двата сегмента, а кај осигурувањето на живот тоа би се движело над 20 проценти. Ова се темели на влезот на банките како алтернативен канал на продажба на продукти за животно осигурување, со што ќе се даде дополнителен стимул. Концептот на банка – осигурување веќе постои во развиените западни економии, а еве доаѓа и кај нас. Се креира еден спој од банкарски и осигурителен продукт,  што особено ќе дојде до израз во делот на станбените кредити. Бидејќи кредитокорисниците се соочуваат со ризикот од прерана смрт, со што кредитниот товар паѓа на фамилијата, сега се дава можност неисплатениот дел од кредитот да падне на товар на друштвото за осигурување, вели првиот човек на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Климе Попоски.

Две банки веќе имаат добиено согласност да бидат официјален канал на продажба на осигурување, една е во постапка, а најава има од уште две банки за влез во овој бизнис. Дополнително на раздвижување на понудата ќе влијае и приватното здравствено осигурување.

На пазарот влегуваат нови компании

Осигурителниот сектор во вкупниот финансиски систем, мерено преку учеството на активата во вкупните средства, учествува со 3,5 проценти. На македонскиот пазар се активни 15 друштва за осигурување, 11 во делот на неживотното и 4 во делот на животното осигурување. Интересно е што бизнисот го држат странци, бидејќи само едно од друштвата е во доминантна сопственост на македонски акционери. Вкупниот капитал им изнесува 5,08 милијарди денари, а капиталот е 4,4 пати над потребното ниво на маргината на солвентност, што значи дека системот е стабилен и добро поставен. Најголем дел од парите, односно 43,11% се вложени во обврзници, 40,47% се во депозити, 2,26% се во акции, удели и други сопственички инструменти, а 14,15% се во останати финансиски вложувања. Сепак, наскоро може да се случат и одредени промени на домашниот пазар.

-Има најави дека до крајот на годинава или на почетокот на идната може да добиеме барање за формирање нова осигурителна компанија, открива Попоски, но засега не се соопштуваат повеќе детали.

Расте бројот на вработени во осигурителниот бизнис!

Осигурителните компании имаат полни раце работа, се зголемува и бројот на вработени во оваа дејност. Во 15-те друштва работат вкупно 1.744 луѓе, што претставува раст од 8,12% во однос на 2013-та година. Паралелно, има 857 лиценцирани застапници и 337 лиценцирани осигурителни брокери.

Потенцијалот голем, интересот слаб

Лани, друштвата за осигурување исплатиле бруто – износ на штети од 3,05 милијарди денари, што претставува раст од 3,15% во однос на претходната година. Компаниите се задоволни од постигнатото, но мора уште повеќе да се работи на финансиската едукација на населението, бидејќи само 3,41% од домаќинствата имаат полиса за имотно осигурување, од кои 0,14% се од поплава, а 0,24% од земјотрес.

-Треба да се знае дека продуктите не се скапи, цената е прифатлива во однос на животниот стандард. На пример, за стан од 60 квадратни метри, годишно ќе треба да платите околу 3 илјади денари, а тоа може да се направи и на рати. Ова значи дека финансискиот трошок е минимален во однос на она што може да се добие како гаранција и сигурност дека штетата ќе биде покриена од друштвата за осигурување, вели Попоски.

Сличен е и трендот со земјоделското осигурување. Од 100 илјади регистрирани земјоделци само 4 проценти имаат осигурување. Проблемот се лоцира и на страната на побарувачката и на страната на понудата, бидејќи компаниите се уште немаат доволно податоци за настаните штети, што потоа би ги искористиле за да го пресметаат ризикот.

 

 

Оцени ја веста

28.04.2015 - 09:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега