Бомбите на Заев не вродуваат со успех - политиката на деструкција нема поддршка од граѓаните

Експертската јавност, дури и оние аналитичари кои во јавноста важат за отворени поддржувачи на опозицијата, се согласни дека дебаклот на рефендумот во општина Центар за ГТЦ е најдобар тест за тоа дека граѓаните не ги одобруваат политичките бомби на лидерот на опозицијата Зоран Заев.

Бомбите на Заев, како тие за Центар и тие на ниво на целата држава  не вродуваат со успех и не и помагаат на опозицијата да го зголеми својот рејтинг меѓу народот. И самите опозициски поддржувачи признаваат дела неуспехот на референдумот во Центар не е пораз само за Жерновски, туку е и пораз за СДСМ и Заев и неговото бомбашко сценарио.

Но, неуспешниот референдум во Центар откри и длабока поделеност во опозицискиот блок, кој излегува со неодржливи тези. Дека бомбите немаат ефект говореше и опозицискиот колумнист Ивор Мицковски кој смета дека поразот на Жерновски е пораз на опозицијата и политичките бомби на Заев.

-Ова не е пораз само на Жерновски, да не се лажеме. Ова е пораз за целата фрагментирана и поделена опозиција. Ова е пораз на бомбите за Центар, ова е шамарчина од која свират ушите. Ова е потсетување дека нема иднина со монополизирана опозиција, дека критиката е повеќе од потребна и дека суштински треба да се преиспита актуелното политичко делување, напиша Мицковски.

По неуспешниот референдум тој додаде дека “сега ќе слушаме како борбата продолжува, и тоа е така, но денес, докажавме дека не сме ништо подобри од тие што сакаме да ги смениме...’

-Покажувањето веднаш со прст кон Жерновски, е само уште еден во серијата докази, дека капацитет за такво нешто, во моментов не постои, додава поддржувачот на опозицијата.

Аналитичарите се согласни дека опозицијата треба да ја смени тактиката и начинот на дејствување. Граѓаните го поддржуваат градењето и создавањето, а не деструкцијата на Заев. Според новинарот Васко Ефтов,  резултатот од референдумот е сериозен удар за опозицијата бидејќи и покрај сите нејзини “бомби“, нивниот резултат во општина Центар е минорен.

-Прво јас им честитам на граѓаните, бидејќи бројка од 41 отсто во еден ден како што е недела, без некоја посериозна кампања на власта е убава бројка. Што значи дека граѓаните го положија тестот на демократијата, но сепак ова е сериозен предизвик да не речам удар за политиката на СДСМ, бидејќи таа успеа само за 400 гласа во однос на вториот круг од претседателски избори, да го зголеми резултатот во општина Центар, тоа е одвај 2.5 проценти. Што значи дека на сите тие силни “бомби“ не успеа да го зголеми изборниот резултат во општина Центар и треба да се направи анализа зошто е тоа така“ – изјави Ефтов, додавајќи дека СДСМ очигледно нешто треба да менуваат.

Референдумот за ГТЦ е неуспешен затоа што ја немаше потребната излезност за законскиот цензус од 50%. Шеесет проценти од граѓаните не ја поддржаа идејата на СДСМ и Жерновски за блокирање на реновирањето на ГТЦ. 

КУРИР

 

 

Оцени ја веста

29.04.2015 - 14:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа