Владата во финален став: Државната матура ќе се полага по стар концепт, а екстерно ќе продолжи да се применува

Државна матура оваа година ќе има, ќе се полага по стариот концепт, ова е епилогот од денешната четврта средба меѓу претставници на Средношколскиот пленум, министерот за образование Абдилаќим Адеми, вицепремиерот Владимир Пешевски и заменик министерот за образование, Спиро Ристовски.

Вицепремиерот Владимир Пешевски потврди дека конечна е одлуката годинава да се полага државната матура според стариот концепт, а понатаму ќе се формираат работни групи на сите засегнати страни за да се бара прифатлив концепт за сите.

-Владата и Министерството за образование донесоа свој конечен став во однос на начинот на којшто ќе се полага матурскиот испит оваа година. Имено согласно разговорите со заинтересираните страни, ученици, професори, како и консултации со експерти, одлучивме оваа година матурскиот испит да се полага согласно стариот концепт, односно математиката да не биде задолжителна и да не постои електронско тестирање. Исто така свесни сме дека постојат можности за унапредување на концептите коишто беа разгледувани во изминатиот период за која цел ќе бидат формирани соодветни работни групи во коишто сите оние коишто треба да бидат претставени ќе бидат повикани и ќе се дискутира за понатамошно утврдување на концептот за матурскиот испит за следните години, посочи тој.

Екстерното тестирање останува како и досега, вели Пешевски, со одлука и за овој концепт во иднина да се формираат работни групи.

-Екстерното оценување ќе продолжи согласно постоечкиот концепт, односно тука нема да има измени оваа година, но бидејќи постојат можности и за негово унапредување ќе бидат формирани нови работни групи, коишто исто така ќе работат на унапредување на концептот за годините што следат, додаде Пешевски.  

Тој уапти апел до учениците, родителите и директорите од понеделник да се вратат во училиштата на настава бидејќи, како што рече, е изгубено многу време и треба да се надополни изгубениот материјал, што е во најдобар интерес на самите ученици.

 

 

Оцени ја веста

30.04.2015 - 19:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега