„Марш на солидарноста“ на ССМ по повод Меѓународниот ден на трудот

Потпишување колективни договори на сите нивоа како во малите и средните претпријатија, така и во големите, како во приватните фирми, така и во приватниот сектор, како за работниците со сите права, така и за вработените во јавниот сектор и администрацијата, обезбедување сигурни работни места, траен работен однос, работен однос на неопределено време како предуслов за мирен и спокоен живот на работниците и нивните семејства и сигурни плати за сите работници кои ќе им обезбедат пристоен живот.

Ова се дел од барањата содржани во манифестот на Сојузот на синдикатите на Македонија до надлежните кои по повод 1 Мај, Меѓународен ден на трудот по „Маршот на солидарноста“, на плоштадот Македонија ги прочита синдикалниот лидер Живко Митрески.

Маршот почна пред платото на ССМ, потоа учесниците се движеа покрај Собранието на Република Македонија и заврши на плоштадот Македонија.

Митрески посочи дека ќе настојуваат да обезбедат и имплементираат протокол за социјален напредок.

- Како претставници на работниците марширајќи солидарно на овој ден бараме натамошно подобрување на социјалната и материјалната положба на работниците и граѓаните во Македонија, доследно почитување и примена на работничките права на сите нивоа, елиминирање на опасноста од нееднаквост на работниците и на разликите и третманот на работниците  во приватниот и јавниот сектор, анализа на законите кои предизвикуваат грижа и нерамноправен третман на работниците во приватниот сектор и администрацијата, истакна Митрески.

Бараме, нагласи тој, натамошно унапредување на социјалниот дијалог и вклученост на синдикатите при подготовка на сите закони за работниците во приватниот и јавниот сектор, безбедни и здрави услови за работа, побрзо разрешување на сите економски, социјални и политички кризи.

- Поаѓајќи од сите наши активности за озбезбедување социјална правда, натамошни вработувања, социјална инклузија, еднаквост, рамноправност, солидарност, политичка, етничка, верска и национална толеранција, економски раст и раст на работничките права, на сите работници и граѓани на Република Македонија им го честитам 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот, додаде Митрески.

В.д. претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, Благоја Ралповски рече дека ја искажале солидарноста да бидат здружени и истрајни во нивните барања кои ќе обезбедат поголеми права и социјално материјална положба на сите работници. 

- Интересот и на Конфедерацијата на слободни синдикати и на ССМ е иста. Дојде периодот кога треба заедно да се исправиме пред сите предизвици и да се избориме за подобар живот на работниците, додаде Ралповски и им го честиташе 1 Мај на сите работници и граѓани на Република Македонија.

Одговарајќи на новинарско прашање Митрески рече дека секогаш заедно со КСС и со останатите синдикати на ниво на Економско-социјален совет одат со конкретни барања и со конкретна реализација.

- Дека тоа е така покажа периодот од овие пет години наназад. Првата година имавме кампањи за мобилизирање и организирање на ново членство. Втората година имавме кампањи за донесување Закон за минимална плата и тој е донесен. Следната година имавме Закон со наши барања и кампања за донесување Закон за мобинг и тој е донесен. Следната година имавме кампања за локални економски социјални совети во 15 града, што значи станува збор за конкретни активности , посочи Митрески.

Во Законот за работни односи, појасни, имплементирани се над 16 европски директиви, првпат во историјата на работното законодавство, ставена е дискриминацијата, елиминирање на злоупотребите по однос на родителство, мајчинство, зголемување на правата во смисла на додатоците, надоместоците, зголемена е неколку пати минималната плата, не дозволивме масовни отпуштања во услови на најтешка економска криза, не дозволивме намалување на платите, туку напротив пред донесувањето на минималната плата, тие плати беа околу 4.500 денари, идната година имаме повторно зголемување на плати.

- Дадовме правна заштита на над 30.000 работници заедно со КСС, обезбедивме дополнителни можности за вработување заедно со социјалните партнери. Значи зборување за конкретни резултати кои не случајно и КСС и ССМ ги оквалификува и Европската синдикална сцена и светската синдикална сцена и со приемнот како полноправни членки и со приемот како придружни членки. Пред два три месеци станавме членки на Европската конфедерација на синдикати, а за скоро време тоа ќе биде и КСС, додаде Митрески.

 

 

Оцени ја веста

01.05.2015 - 14:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега