Зошто Црвенковски го фалеше Верушевски?

Поради која причина поранешниот премиер и шеф на државата Бранко Црвенковски толку многу го фалеше разузнавачот Зоран Верушевски во синоќешното интервју на Телма? Ова е прашањето кое се наметнува, а за кое се чини дека јавноста веќе од подамна го има одговорот- разузнавачот го држи Црвенковски со прислушувани компромитирачки материјали за чија содржина може само да се нагаѓа, коментираат дел од експертите.

Црвенковски при вчерашното гостување во „Топ тема“ рече дека поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, кој сега е првоосомничен во случајот „Пуч“ бил професионалец и голем експерт. Црвенковски за првиот човек на УБК од времето кога СДСМ беше на власт вели дека бил голем стручњак.

-Јас го знам него, сум соработувал по службена линија, мислам дека се работи за добар професионалец, за голем експерт, стрчњак, кој што никогаш не бил инволвиран во партиски или политички води, рече Црвенковски во „Топ тема“.

Дополнително, Црвенковски отворено застана во заштита на Верушевски со тврдење дека прислушкуваните материјали во 2001 година кога се случи аферата „Големото уво“ му ги дал анонимен извор.

-Во 2001 година, до нас, до социјалдемократскиот сојуз по анонимен пат, од анонимен извор беа доставени транскрипти од прислушкувани разговори, рече Црвенковски.

Наспроти ова, има десетици сведоци низ годините кои докажуваат дека Верушевски му ги дал тие материјали, а за возврат Црвенковски го именувал Верушевски за директор на ДБК, потоа и го наградува со место во амбасадата во Рим. Исто така, низ медиумите на големо се  пишуваше дека кај Верушевски се најдени разговори токму од Црвенковски. Токму поради ова, познавачите сметаат дека Црвенковски го фалеше Верушевски, затоа што разузнавачот го држи екс-премиерот со прислушкувани компромитирачки материјали.

Новинарката Мирка Велиновска, неодамна пишуваше дека истиот овој Зоран Верушевски, кој кога медиумска ѕвезда беше син му Александар, решил да го спасува од затвор така што ќе ја уцени власта, односно државата со експлозивна тајна документација во неовластен посед.

Велиновска во колумната открива дека тогашниот разузнавач, преку новинарот Ерол Ризаов се заканувал до тогашниот шеф на државата Бранко Црвенковски, а уцената успеала, синот на Верушевски излегол од затвор со интервенција на Црвенковски.

-Верушевски со текст потпишан од Ерол Ризаов објави дека „ќе прозбори ако не го остават на мир неговото семејство“ и најнакрај со лаптоп подрака беше снимен како влегува во јавното обвинителство. Епилогот го знаете: Син му излезе од затвор со интервенција на Црвенковски како шеф на државата. Верушевски со семејството замина за Италија, а јавноста не разбра ништо за веродостојноста на бомбите. Јавниот обвинител тогашен не зуцна ништо. Немаме дури ни поим дали воопшто имаше случај, заведено дело или слично. Важно Верушевски по некоја година се врати во Скопје, стана професор на ФОН и за него не знаевме ништо до мигот кога експлодира скандалот „Пуч“, пишува Велиновска.

Кој знае што се’ имал Верушевски во досието за Црвенковски е прашање кое вчера го постави и новинарот Цветин Чилиманов.

-Само ме интересира дали она кога Верушевски пишува на Скајп дека "све му дал на идиотот", се однесува и на материјалот со кој го уценуваше Б.Ц. во 2006 да го пушти лудиот му син од затвор. Кој знае што све имал во досието за Бранко, напиша Чилиманов.

 

 

Оцени ја веста

05.05.2015 - 12:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега