Детали за вчерашните протести пред Владата

Триесет и осум повредени полицајци, од кои шест посериозно, еден повреден цивил, 30 приведени лица, од кои двајца малолетници, и голема материјална штета, е билансот од синоќешните насилни протести  пред Владата на Република Македонија, информира денеска на прес-конференција министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

До овој момент, според информациите на МВР, едно цивилно лице се пријавило со повреди во Градската општа болница „8 Септември“. Едно од приведените лица, потенцира Јанкулоска, е однесено на Клиниката за токсикологија во алкохолизирана состојба.

- Од досега прегледаните видео материјали, целосно се идентификувани 12 лица кои учествувале во вандалскиот напад врз полицијата. Продолжуваме со преземање мерки, со цел идентификација и на други лица инволвирани во овој насилнички чин, рече Јанкулоска и додаде оти се уште не се прегледани сите снимки од безбедносните камери.

За време на протестот на неколку локации превртени и запалени се 10 - тина контејнери за смет, оштетени се седум полициски возила, 22 штита, пет шлемови, еден елек, штитници за нога, радиоврска, нанесаена е штета на објактот на Владата, а искршени се прозорците на Радио Слободна Македонија. 

Полицајците, нагласи таа, биле брутално напаѓани со бекатон плочки, метални шипки, камења и други предмети, а било насилно симнато од јарболите пред Владата и скинато знамето на Република Македонија, од страна на дел од агресивни демонстранти, на  протестот кој почна вчера околу 18.10 минути. 

- Од 18.30 до 19.30 часот од страна на група граѓани кои се наоѓале на скалите беа иницирани повеќе насилни инциденти и повеќе нарушувањата на јавниот ред и мир. Во неколку наврати со бекатон плочки, камења, шишиња, јајца, домати и други тврди предмети е фрлано кон кордонот на униформираните полициски службеници и кон објектот на Владата и симнато е знамето на РМ. Од страна на одговорниот старешина дадена е усна наредба кон собраната маса мирно да се разотидат, но не е испочитувана од страна на масата. По тоа се пристапи кон потиснување на масата и воспоставување на нарушениот јавен ред и мир, и притоа масата е пренасочена кон булеварите „Св. Климент Охридски“, „Партизански одреди“ и „Илинден“ во правец на фонтаната на Градскиот парк, појасни министерката за внатрешни работи.

Според Јанкулоска, полицијата успеала со најмала употреба на кое било полициско овластување успеала со потиснување да ја разбие масата, а при тоа не биле користени други дополнителни мерки или средства на присилба, освен полициското овластување за приведување, за да се избегне дополнителна ескалација на настаните.

На новинарско прашање за влегувањето на полицијата во библиотеката „Браќа Миладиновци“, министерката Јанкулоска потврди дека полицијата тргнала по насилни демонстранти во повеќе објекти, а во библиотеката било приведено едно лице. Дел од демонстрантите се обиделе да се скријат во приватни или државни објекти.

- Дејствието на полицијата е сосема легитимно и не постои никаков простор да се бара одговорност од некого. Но, ако некој има замерка ние сме отворени да ја разгледаме, да ги слушнеме аргументите и понатаму да  одлучиме, истакна Јанкулоска.

Одговарајќи на новинарко прашање министерката Јанкулоска подвлече дека нема информација дали во нередите е повредена мајката на Мартин Нешковски, а досега таков настан во МВР тоа не е пријавен. 

Осврнувајќи се на настанот со убиството на Мартин Нешковски, по барање на новинарите, Јанкулоска уште еднаш потенцира и потсети дека МВР презеде мерки и истрага по однос на сите околности кои беа отворени во јавноста, а исто така и обвинителството и врз основа на тие мерки, истрага и докази, рече, се водеше судска постапка, и судот донесе одлука која е правосилна, а осуденото лице веќе ја издржува речиси максималната затворска казна.

За обвинувањата упатени до неа за овој случај од страна на лидерот на СДСМ Зоран Заев, Јанкулоска повторувајќи дека објавената снимка е креирана и монтирана, меѓу другото, рече дали некој имал усна или писмена наредба воопшто не ја менува фактичката состојба и степенот на одговорност.

- Имаме кривично дело убиство како најтешко дело против животот на човекот, имаме сторител, извршител на убиството кој беше откриен во рок од 22 часа по пријавување на настанот, таа е вистината, нагласи Јанкулоска.

МВР, потсети, во првите моменти откако се случило убиството, немало никаква приајва дека некое лице исчезнало или нешто му се случило. Пријавата, нагласи Јанкулоска, МВР ја добило со големо задоцнување, но веднаш по добивањето се мобилизирани сите ресурси и направен е напор да се расчистат сите аспекти во кои се случило убиството.

- Ние не обезбедивме доказ врз основа на кој може да се тврди дека лицето имало каква било наредба. Успеавме да утврдиме како фактичка состојба дека лицето кое веќе е осудено за сторено кривично дело убиство имало писмена наредба за извршување службени дејствија и задачи заклучно со 24 часот на конкретниот ден на локација општина Куманово. Тоа значи дека во моментот кога се случило убиството, а според пријавата е во нула часот и 40 минути следниот ден, таа наредба веќе немала важност. По однос на ангажманот на лицето по 24 часот, не е обезбеден доказ дека постоела ниту писмена, ниту каква било друга наредба, што е тотално ирелевантна за степенот на неговата одговорност, рече министерката за внатрешни работи. 

Таа додаде дека се друго што тврди Заев за да ги реализира своите, подвлече, монструозни сценарија за насилство по улиците, е негова креација и „плод на фантазијата на еден болен ум“.

 

 

Оцени ја веста

06.05.2015 - 13:52
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега