Кавадаречкото село Бохула ќе добие канализација

Кавадаречкото село Бохула ќе добие фекална канализација, информираше попладнево градоначалникот на Кавадарци Александар Панов.

- Во просториите на Бирото за регионален развој се потпишаа договорите за реализација на проекти во осумте плански региони во Македонија. Општина Кавадарци како дел од Вардарскиот плански регион конкурираше со проект за изградба на фекална канализација во селото Бохула во висина од околу 4 милиони денари, а Центарот за развој на Вардарскиот регион ќе реализира четири проекти во вредност од 10.488.494 денари, соопшти Панов.

Со овој проект, според него, ќе се создадат услови за поинтензивен развој на селото Бохула, кое се наоѓа под падините на Кожув во реонот на ски центарот.

- Ќе овозможиме основни инфраструктурни услови со кои селото ќе може да се развива, а мештаните и некогашните жители ќе имаат шанса за поинтензивна изградба и размислување за заживување на селото, нагласи Панов.

Одлуката за изградба на каналзиациска мрежа на селото Бохула е донесена на последната седница Советот.

Главната канализациска линија е со должина од 1.150 метри. За нејзина изградба, како што информира градоначалникот, се потребни четири милиони денари. Половина од парите ќе ги обезбеди Министерството за локална самоуправа - Биро за регионален развој, а останатите 50 проценти од буџетот на општина Кавадарци.

- Процесот на интензивно работење во полето на регионалниот развој почна во 2007 година и има поставено солидна основа кога станува збор за водење на оваа политика. Финансирањето на проекти за намалување на диспаритетите меѓу планските региони и поттикнувањето на рамномерниот регионален развој е израз на определбата за создавање еднакви можности за сите, рече Панов.

Во текот на 2015 година ќе се имплементираат 23 проекти за развој на планските региони со вредност од 71.350.300 денари. Распределбата на средствата наменети за поттикнување на регионалниот развој се доделуваат врз основа на класификација на планските региони според степенот на развиеноста за периодот од 2013 до 2017 година.

 

 

Оцени ја веста

06.05.2015 - 16:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега