Честитка од Груевски за полицајците: Полицијата покажа голема професионалност и пожртвуваност

Премиерот Никола Груевски по повод Денот на македонската полиција - 7 мај упати честитка до припадниците на Министерството за внатрешни работи во која им посакува да продолжат да работат со успех во остварување на безбедноста на граѓаните и државата. 

Особено е значајно, се вели во честитката, да се истакне улогата на полицијата во спасителните акции и ангажманот за време на природни непогоди, како и нејзината работа во заедница и јакнење на довербата и врските со граѓаните во напорите за превенцијата на криминалот.

- Како резултат на ваквиот ангажман, довербата на граѓаните во полицијата се повеќе се зголемува, а полицијата несомнено стана гарант за безбедноста, јавниот ред и мир во општеството. Ваквата улога на полицијата во изминативе недели, а особено овие денови, е ставена на тест, кој до сега успешно го положи. Како ретко каде на друго место во светот, полицијата покажа голема воздржаност, професионалност и пожртвуваност, стоички ги издржа вандалските напади по цена на голем број на повредени полициски припадници, со цел да не дозволи ескалација на насилствата и влегување во сценариото на оние кои не му мислат добро на македонскиот народ и држава, наведува премиерот Груевски во честитката. 

Во наредниот период, додава, останува да се продолжи со истиот пристап во справување со безбедносните предизвици и одржување на јавниот ред и мир. Нема да биде лесно, но уверен сум дека вашето знаење и искуство ќе помогне за полесно справување со сите предизвици и закани, истакнува премиерот Груевски. 

Како резултат на реформите кои што се спровеле изминатите години во полицијата и генерално во ресорот за внатрешни работи во Република Македонија, како и континуираните вложувања во опрема и обуки на полициските службеници, македонската полицијата, според Груевски, покажала голема професионалност, ефикасност и бескомпромисност во справувањето со криминалот и безбедносните предизвици.

Во честитката премиерот им се заблагодарува на сите полициски службеници на досегашната пожртвувана работа и им посакува многу успех, здравје и просперитет на личен и професионален план.

 

 

Оцени ја веста

07.05.2015 - 14:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега