Пациентите задоволни од условите во ЈЗУ

Пациентите годинава споредено со 2013 година се многу повеќе задоволни од достапноста и љубезноста на лекарите во болниците и клиниките, од квалитетот на услугата што ја добиваат, од здравствените работници, од чекањето за преглед кое е пократко, од односот на шалтерските службеници во тие јавни здравствени установи, од условите и комфорот во чекалните...

Ова го покажуваат резултатите од најновото спроведено истражување на задоволството на пациентите во јавното здравство, односно перцепцијата на пациентите за повеќе сегменти од функционирањето на јавните здравствени установи. Истражувањето е спроведено од Министерството за здравство, изминатиот месец во форма на теренска анкета во 21 универзитетска клиника, 15 болници во повеќе градови низ државата и 32 здравствени домови, а биле опфатени 6.300 испитаници. Министерството во соработка со Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените установи, организира спроведување на анонимни анкети за задоволството на пациентите два пати годишно.

 

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција на која ги презентираше резултатите од истражувањето рече дека генерално се задоволни од резултатите, иако кај дел од јавните здравствени установи е потребно подобрување во одредени сегменти. Добиените податоци, посочи, детално се обработуваат и во претстојниот период ќе објавиме и поединечни резултати по установи, како и споредба меѓу постигнатите резултати на установите, пренесува МИА.

- Испитувањето на задоволството на пациентите е фокусирано на два општи сегменти: квалитетни услови во јавните здравствени установи и хоспитална култура во јавното здравство. Во делот на хоспиталната култура, го анализиравме задоволството на пациентите од: достапноста на лекарите и персоналот, љубезноста на лекарите и персоналот, како и односот на шалтерските работници, нагласи Тодоров.

Според него, на прашањето генерално дали сте задоволни од достапноста на лекарите, евидентно е зголемувањето на задоволството на пациентите. Потенцира дека во 2015 година споредено со 2013 година за околу 5 отсто е поголем бројот на пациенти кои се задоволни од достапноста на лекарите во болниците и во клиниките.

Споредено со 2013 година, кога 67,5 отсто од пациентите биле задоволни од достапноста на лекарите во општите болници, тој процент годинава изнесува 72,1 отсто. Во 2013 година 60,3 отсто од пациентите биле задоволни од достапноста на лекарите на клиниките, а годинава тој процент изнесува 65,1 отсто. 

- На прашањето генерално дали сте задоволни од љубезноста на лекарите, резултатите прикажуваат слична состојба, односно зголемено е општото задоволство кај пациентите. Во 2013 година 70,5 отсто од испитаните пациенти одговориле дека се задоволни од љубезноста на лекарите на клиниките, додека во 2015 година процентот е зголемен за дополнителни 5 отсто и изнесува 75,3 отсто, рече Тодоров.

Укажа дека бројот на незадоволни пациенти е намален од 10,2 отсто на 6,5 отсто на клиниките и од 20,3 отсто на 18,2 отсто во болниците

На прашањето генерално дали сте задоволни од односот на шалтерските работници во болниците, појасни, има видливо подобрување, односно зголемување на процентот на задоволни пациенти и истовремено намалување на бројот на незадоволни пациенти, додека кај клиниките се бележи мал пораст на незадоволството од односот на шалтерските службеници (од 10,8 отсто во 2013 година на 13,3 отсто во 2015 година).

Тодоров нагласи дека во оваа насока продолжуваат со континуираното вложување во обуки, работилници, со цел комплетно унапредување на хоспиталната култура, која е еден од сегментите на кои се фокусира испитувањето на задоволството на пациентите.

Според резултатите во делот на квалитетни услови во јавните здравствени установи, на прашањето дали сте задоволни генерално од квалитетот на услугата што ја добивте од лекарот, се бележи значителен пораст на задоволството од 75,5 отсто во 2013 година на 89,5 отсто годинава, односно за 14 отсто е зголемено задоволството на пациентите од квалитетот на добиените здравствени услуги од докторите на клиниките.

- Слична е состојбата и кај болниците, како и кај здравствените домови каде дури 86,3 отсто од испитаните пациенти одговориле дека се задоволни од услугите на докторите, наспроти 13,7 отсто незадоволни. Истражување покажува особено висок степен на задоволство од сите здравствени работници воопшто, така што на сите три нивоа на здравствена заштита над 70 отсто од испитаниците одговориле дека се задоволни општо од сите здравствени работници, рече Тодоров.

Посочи дека резултатите од истражувањето се уште еден во низата показатели дека системот МојТермин успешно функционира и забележително е зголемувањето на задоволството од времето на чекање за преглед, односно во споредба со 2013 година, кога од испитаните пациенти во болниците 47,1 отсто одговориле дека се задоволни од времето на чекање за преглед, годинава процентот е зголемен на 60,9 отсто.

- Од аспект на условите и комфорот во чекалните, се забележува пораст на задоволството кај пациентите во болниците (од 40,9 отсто во 2013 година на 44,2 отсто пациенти кои на овогодинешната анкета одговориле дека се задоволни од условите и комфорот во чекалните). Уште еден сегмент на кој сме континуирано фокусирани е хигиената во болниците, така што и тука бележиме пораст на задоволството, особено кај клиниките, каде процентот на задоволни пациенти од 2013 година, досега, пораснал од 59,4 отсто на 62,5 отсто, додека кај здравствените домови има највисок процент задоволни пациенти од хигиената во болниците - 73,7 отсто, рече Тодоров.

Додаде дека во делот на подобрување на болничките услови и квалитетот на здравствените услуги, во тек се неколку крупни проекти со кои во претстојниот период значително ќе се подобрат болничките услови, а тоа се: реконструкција на Општа болница Прилеп, реконструкција на Клиничка болница Битола, изградба на комплетно нов Ургентен центар во Куманово, изградба на нов објект за општата болница во Кичево, а според Програмата на Владата за периодот до 2018 година, предвидуваме отпочнување на уште неколку крупни проекти за кои веќе се во тек подготвителните активности меѓу кои: Целосна реконструкција на Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид, реконструкција на Клиниката по хируршки болести „Св.Наум Охридски“, Општата болница во Струмица, итн.

 

 

 

 

Оцени ја веста

07.05.2015 - 15:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега