„Удирање во ѕид“ на Скопски маратон за спас на охридската јагула

На Скопскиот маратон, што ќе се одржи во недела, 10 мај, еколошкото друштво „Патот до Саргасово Море“ ќе ја организира акцијата „Удирање во ѕид“, чија цел е актуелизација на проблемот со оневозможената миграција на охридската јагула, како и мотивирање на самите маратонци да продолжат со трчање.

Изразот „удирање во ѕид“ го користат маратонците кога во текот на трката се чувствуваат како да не можат повеќе да продолжат односно како да имаат удрено во ѕид. Еколошкото друштво „Патот до Саргасово Море“ соопшти дека на патеката на маратонот ќе постави платно во кое маратонците симболично ќе „удираат“ во текот на своето трчање. Со тоа симболично ќе се потсети на фактот дека охридските јагули, веќе 50 години, удираат во ѕидовите на браните кои се изградени на Црн Дрим и кои ја спречуваат нивната природна миграција од Охридското Езеро па сè до Саргасовото Море во Атлантскиот Океан.

Акцијата „Удирање во ѕид“ е дел од кампањата на здружението за актуелизација на проблемот на охридската јагула. Како дел од напорите за актуелизација на проблемот, 20 маратонци, на трки и тренинзи, ги трчаат 7.400 километри кои треба да ги помине охридската јагула на својот пат од Охридското Езеро до Саргасовото Море. Кампањата почна симболично на Охридскиот маратон во септември 2014 година и ќе заврши, исто така симболично, со Бермудскиот маратон во јануари 2016 година.

Од еколошкото друштво „Патот до Саргасово Море“ истакнуваат дека проблемот на охридската јагула во последниот период дополнително се влошил. Поради оневозможената природна миграција, јагулите не можат да се репродуцираат по природен пат, а поради непорибувањето на Охридско Езеро со јагули во последните години, нивниот број постојано се намалува, достигнувајќи алармантно ниско ниво

 

 

Оцени ја веста

08.05.2015 - 16:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега