Јавна консултација за студија за проектот за изградба на експресен пат Ранковце-Крива Паланка

Во општина Крива Плаанка денеска се одржа јавна консултација за студија за процена на животна средина и социјални аспекти за проектот за изградба на државен пат А2, делница Ранковце - Крива Паланка на ниво на експресен пат во должина од околу 25 километри, пренесува МИА.

Консултацијата ја организираше Јавното претпријатие за државни патишта, а на неа пред граѓаните на Крива Паланка и претставници на институциите засегнати со оваа проблематика, говореа Јоже Јовановски, раководител на Одделението за животна средина и јавни аспекти при ЈП за државни патишта, Борка Ковачевик, независен експерт за влијание врз животната средина, Борис Типцаров, експерт за општествено влијание и Ангел Мицевски, проектант.

- Ваквите јавни расправи се одржуваат според политиките на Светска банка од каде ќе се финансира изградбата на овој пат според плановите на Владата. Изградбата на А2-експресниот пат е приоритетен проект бидејќи оваа делница е дел од важниот меѓународен коридор 8, познат како коридор „Исток-запад“. Плановите на ЈП се по тековната фаза на изработка на инфраструктурниот проект и истекот на 120-те дена за јавна презентација и консултации,  да се чека одобрувањето на проектот од страна на бордот директори од Светска банка, по што по тендерирањето, веќе следната градежна сезона, пролетта 2016 се очекува отпочнување на градбата на патот која најверојатно ќе трае 2-3 години, изјави Јовановски.

Борка Ковачевик, независен експерт за влијание врз животната средина, рече дека според студијата, направени се истражувања на влијанието врз биодиверзитетот, површинските и подземни води, врз почвата, воздухот, врз создавањето отпад и бучава, наведени се мерки за намалување на тие влијанија и направен е мониторинг план за мерење одредени параметри.

- Согласно направените истражувања на двата патни правци од Крива Паланка до Длабочица и од Длабочица до Страцин т.е. до „Чатал“ има планирано 16 објекти, 33 цевести пропусти, 23 вијадукти, 5 мостови и останата инфраструктура, но главно изградбата на патот според студијата, ќе придонесе за подобрување на квалитетот на живот на луѓето во засегнатите општини, рече Ковачевик.

Проектот за изградба на овој пат е направен со адаптација на постоечкото автопатско решение за делницата, тој ќе биде во должина од 25 километри, ширина 12,5 метри во најголемиот дел со две сообраќајни ленти од 3,5 метри и 2 разделни ленти за принудно запирање.

Финансирањето на проектот за изградба на државен пат А2, делница Ранковце – Крива Паланка на ниво на експресен пат се планира да се да се обезбеди со средства од Светска Банка.

Студијата за процена на животна средина и социјални аспекти и Планот за управување со животната средина е достапна на увид во просториите на Јавното претпријатие за државни патишта, во општина Крива Паланка и општина Ранковце, како и на интернет страниците: www.rankovce.gov.mk ,www.krivapalanka.gov.mk и www.roads.org.mk .

 

 

Оцени ја веста

11.05.2015 - 16:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега