Бизнис Форум во Сараево: Економијата го обединува регионот

Земјите од регионот се мали и слаби и затоа само обединети имаат шанса да привлечат повеќе странски инвестиции, се согласија учесниците на „Сараево Бизнис Форумот“, кој денеска се одржува во главниот град на БиХ.

Српскиот премиер Александар Вучиќ порача дека на регионот му е потребно бизнис опкружување без граници, пренесува Танјуг.

Вицепремиерот на Турција, Али Бабаџан истакна дека мирот и стабилноста се темел на економскиот просперитет, а економијата е клучен збор за политички просперитет и процес на помирување. Тој нагласи дека ЕУ прво ја основале земји спротивставени за време на Втората светска војна, но економијата ги обединила.

Некогашниот претседавач на Претседателството на БиХ и еден од основачите на овој економски форум Харис Силајџиќ истакна дека регионалната соработка е многу важна, треба да и се даде шанса и нема сомнеж дека таквата синергија ќе го направи овој дел на Европа попривлечен за партнерите.

Претседателот на Исламската развојна банка, Ахмед Мохамед Али додаде дека соработката и интеграцијата ја поттикнуваат економијата, но и помагаат да се сврти нова страница на новиот период во кој земјите во регионот веќе нема да се фокусираат на конфликти.

Актуелниот претседавач на Претседателството на БиХ, Младен Иваниќ изјави дека сите земји во регионот се релативно мали и не толку привлечни за странските инвеститори, но дека можат тоа да станат доколку се здружат.

- Регионот може да понуди и туристички атракции, но има и стручност, ресурси и капацитети за да стане конкурентен, оцени Иваниќ.

Поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ, исто така, смета дека земјите од регионот само заедно можат да му го понудат на светот она што го интересира.

На Форумот учествуваат околу 900 претставници, политички лидери, бизнисмени и банкари од регионот и светот. Целта на дводневната конференција е привлекување на странски инвестиции во земјите од Југоисточна Европа, а ќе бидат претставени и можности за работење и инвестирање во енергетиката, инфраструктурата, земјоделството, информатичките технологии и туризмот.

 

 

Оцени ја веста

13.05.2015 - 13:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега