Евтините летови го раздвижија авиосообраќајот

Евтините летови го раздвижија авиобизнисот. Сè повеќе компании оперираат од скопското авиопристаниште, се зголемува бројот на патници, се воведуваат нови конекции, објави МРТ.

Нискотарифните компании го вратија интересот за летање во земјава.  Статистиката на концесионерот со македонските аеродроми покажува дека од година на година се зголемува бројот на патници.

Во моментов „Александар Велики“ има врска со 26 европски дестинации и со Дубаи, а летово со „Виз Ер“ ќе се лета  уште до пет града. Последните анализи на концесионерот ТАВ покажуваат дека на нискотарифните компании веќе отпаѓаат 50% од колачот.

-Субвенциите многу помогнаа за развојот на авиосообраќајот во земјава. Годинава имаме зголемување на бројот на патници од 18%. Со воведувањето на новите линии во јуни и во јули очекуваме растот да надмине 20%, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на „ТАВ Македонија“.

На лет од Будимпшета до Варшава, Македонската телевизија сними ексклузивно интервју со првиот човек на „Виз Ер“, Јозеф Варади. Неговата компанија е субвенционирана од нашата земја со 5 милиони евра  за да воведе нови дестинации по конкурентни цени. Во базата во Скопје оперира со три авиони.

-Македонскиот пазар е пазар што треба да биде стимулиран. За  луѓето да патуваат со авион,  потребно  е трошоците да бидат колку што е можно пониски. Владата ни  дава иницијална поддршка за градење на мрежата дестинации. Ова не е поддршка што  ќе ни биде давана во континуитет, туку  има за цел  да го поделиме почетниот ризик, вели Јозеф Варади, главен извршен директор на „Виз Ер“.

Варади оценува дека потенцијалот на македонскиот пазар е многу голем.

-На економски план на земјата и оди сè подобро и подобро. Ова овозможува  да се зголемат  личните примања на граѓаните, а тоа се пари што  тие можат да ги потрошат на патување со авион, нагласува Варади.

Освен од Скопје, летово се воведуваат нови дестинации и од „Св. Апостол Павле“ во Охрид, и тоа до Лондон и до Базел, што треба да придонесе за дополнителен развој на туризмот.

 

 

Оцени ја веста

26.05.2015 - 13:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега