Без конечен договор завршија преговорите во Брисел

Без конечен договор завршија преговорите во Брисел за надминување на политичката криза во Македонија, што во изминатите 12 часа ги водеа  четворицата македонски политички лидери и еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан. 

Во писмена изјава по состанокот портпаролката на Европската комисија  Маја Коцијанчич наведува дека еврокомесарот Хан се сретна со политичките лидери за продолжување на разговорите за наоѓање решение за политичката криза во земјава. Разговорите, се наведува, беа отворени и детални, но сеуште не доведоа до конечен договор. 

- Европската унија ги повикува сите страни во интерес на својата земја и нејзините граѓани да се најде траен политички компромис без одложување и да се излезе со конкретни предлози за оваа цел, за дефинирање на веќе постигнатиот договор во Скопје на 2 јуни. Определбата  за реформи содржани во него, на која се посветени сите партиски лидери мора да се спроведе како итно прашање Ова е од суштинско значење за земјата да направи каков било напредок на патот кон евроатлантските интеграции. Европската комисија сега ќе разгледа како да придонесе најдобро за политичкиот процес во земјата и останува подготвена да ги олесни дискусиите, се вели во изјавата од Коцијанчич.

Покрај партиските лидери Никола Груевски (ВМРО-ДПМНЕ), Зоран Заев (СДСМ), Мендух Тачи (ДПА), Али Ахмети (ДУИ), и еврокомесарот Хан, на средбата беа присутни и амбасадорите на Европската унија и Соединетите американски држави во Скопје, Аиво Орав и Џес Липинкот.

 

 

Оцени ја веста

11.06.2015 - 09:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега