„Motociclismo” ќе ја промовира Македонија
Италијанското списание за мотоциклизам „Motociclismo” ќе ја претстави Македонија со статија на најмалку 40 страници, а ќе изготви и вискоко квалитетно видео кое ќе ја промовира нашата земја на меѓународниот саем за мотоциклизам во Милано со преку 600 илјади посетители годишно. Видеото ќе се прикажува и на веб каналот на списанието.
„Motociclismo” ја одбра Македонија за да одбележи 100 години од своето постоење. Вкупно 12 моторџии предводени од директорот на магазинот Федерико Аливерти, направија тура, возејќи низ Скопје, Маврово, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Струмица, Берово, Кратово и Куманово.
- Македонија е идеална дестинација за моторџии зашто има убави пејсажи, добри патишта и одлични услови за оф-роуд, истакна Аливерти на денешната прес-конференција во Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот која му помогна да го реализира престојот во земјава.
Аливерти е посебно задоволен, како што рече, од гостопримливоста и непосредноста на Македонците, но и од добрата традиционална храна.
- Многу малку Италијанци знаат за Македонија, но уверен сум дека после нашата статија голем број од нив ќе сакаат да ја посетат и да се запознаат со нејзините убавини, нагласи директорот на списанието додавајќи дека изборот паднал на Македонија зашто ја доживуваат како најмистична и најнепозната од сите балкански земји.
За време на еднонеделната мото тура, италјинските моторџии постојано ја абдејтирале својата фејсбук страница и нивните постови ги проследиле најмалку 300 илјади луѓе. Притоа реакциите биле исклучително позитивни.
Според директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Кристијан Џамбазовски, мотоциклизмот ќе и овозможи на Македонија максимална видливост и шанса да достигне илјадници посетители преку јасна порака на насловната страница.
- Италијанскките туристички агенции се подготвени да ја вклучат Македонија во своите каталози, а по мото турата на Аливерти, ќе биде препорачана програмата за посета на сите македонски градови што тимот моторџии веќе ги посетија, потенцира Џамбазовски.
„Motociclismo” е меѓу водечките светски магазини од оваа сфера, со месечен тираж од 160 илјади примероци. Интернет страницата има над 1 милион посетители месечно, а фејсбук профилот 270 илјади следбеници. На јутуб каналот на „Motociclismo” гостуваат познати личности меѓу кои и шампионот во мотоциклизам, Валентино Роси.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа