Иванов-Митов: Продолжување на евроинтеграциите на Македонија

Претседателот Ѓорге Иванов и бугарскиот министер за надворешни работи  Даниел Митов, на синоќешната средба во Охрид размениле мислења и информации за актуелните политичко-економски состојби во двете земји, како и за севкупните состојби во регионот, со посебен нагласок на предизвиците поврзани со стабилноста, безбедноста и евроатлантските процеси.

Зборувајќи за актуелната политичка состојба во Македонија, Иванов истакнал дека е неопходно сите политички фактори да делуваат одговорно, да се ангажираат во конструктивен дијалог во насока на институционално решавање на сите предизвици, согласно Уставот и законите во Македонија.

Во тој контекст, како што се наведува во соопштението од Кабинетот на шефот на државата, македонскиот претседател укажа на последиците од статус-кво состојбата со македонските евроинтеграции кои излегуваат на површина во моменталната политичко-безбедносна состојба во Македонија.

Двајцата соговорници констатираа дека е потребно јасно и категорично ангажирање на Европската унија во процесот на стабилизација на земјата и продолжување со европските и евроатлантските интеграции.

- Претседателот Иванов и министерот Митов го потврдија заемниот интерес за унапредување на политичкиот дијалог на високо ниво. Заедничка констатација е дека постои интерес меѓу двете земји за надминување на предизвиците и за натамошно зајакнување на билатералните односи, се вели во соопштението.

Иванов ги потврдил заложбите за натамошен дијалог и продолжување со работа на групите за усогласување на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, притоа реафирмирајќи ја определбата на Република Македонија за најдобри можни односи и соработка со сите соседи, како врвна стратешка цел, покрај евроатлантските интеграции и регионалната соработка.

- Република Македонија и Република Бугарија ја споделуваат визијата за регионот, целосно интегриран во европските и евроатлантските структури, во овој процес поддршката од соседите е есенцијална, истакна претседателот Иванов, изразувајќи очекување дека Бугарија ќе даде силна поддршка за неодложен почеток на пристапните преговори со Македонија, како и поддршка за прием во НАТО.

Двајцата соговорници се согласија дека постои простор за интензивирање на соработката меѓу двете земји, како и за зајакнување на меѓусебната доверба, преку реализација на практични проекти во сферата на образованието, културата, економијата, евроинтеграцискиот процес, здравството, инфраструктурното поврзување, енергетиката, транспортот и животната средина

 

 

Оцени ја веста

15.06.2015 - 10:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега