Налепница на ретровизор ќе ги предупредува возачите за велосипедистите

Налепница „Мисли на велосипедистите“ денеска беше промовирана во АМСМ која е наменета за подигање на свеста на возачите за поголема безбедност на велосипедистите во сообраќајот. Налепницата е дел од проектот „Со велосипед на пат низ целиот град“ кој го спроведува АМСМ во соработка со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот.

Генералниот секретар на АМСМ Димитар Миновски истакна дека налепницата треба да пренесе пораки до возачите на моторни возила. 

- Гледај и користи ги ретровизорите, внимавај на велосипедистите, бидејќи тие се поранлива категорија на учесници во сообраќајот и велосипедистите не се појавуваат одненадеш, се пораките, истакна Миновски.

Претседателот на РСБСП Стојче Стаменковски информира дека според нивната статистика во првите три месеци од оваа година повредени се 26 велосипедисти и еден загинат.

- Наша стратешка цел е унапредување на безбедноста во сообраќајот, а со тоа и унапредување на безбедноста на велосипедистите. Со АМСМ ќе се обидеме да ја подигнеме видливоста на велосипедистите во сообраќајот, а со тоа да влијаеме и во нивната безбедност, истакна Стаменковски.

Во рамки на кампањата АМСМ на 28 јуни ќе организира велосипедско дефиле кое ќе биде посветено на безбедноста на велосипедистите во сообраќајот. Дефилето ќе започне во 8 часот пред Порта Македонија и преку однапред дефинирана рута ќе се вози до „Школка“ во Градски парк. 

 

 

Оцени ја веста

15.06.2015 - 13:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа