Иванов: Ќе има решение на политичката криза

Секој пат треба да бидеме луѓе кои размислуваат позитивно. Мислам дека решение на политичката криза ќе има, изјави претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во интервју за телевизијата „Телма“, коментирајќи ја актуелната политичка криза и разговорите меѓу политичките лидери.

- Мислам дека ќе има решение. Секој пат треба да бидеме, на некој начин, луѓе кои размислуваат позитивно. И секогаш сум настојувал и така да ги поставам сите работи во функционирањето на институцијата Претседател и во животот. Значи кога ги согледувате од позитивен аспект сите нешта, решение мора да има. Ни една криза не траела вечно. И кризата ќе заврши ќе си има свои решенија, меѓутоа, секој пат останува моментот да се сочува образот, бидејќи решенијата не се онака како што ние сами ги замислуваме, туку врз основа на одреден момент, состојба и околности. Имаме голем притисок да ја изгубиме препораката, како што спомнавте и прашање е дали воопшто ќе добиеме повторно препорака, бидејќи таа е израз на консензус. Таа се носи со консензус. Затоа што влогот е голем. И треба да не ги потценуваме нашите граѓани и тие знаат кој за што се грижи, за што мисли кога е на јавна функција, и што постигнал со довербата што му е дадена. Така што, ќе дојде момент кога ќе биде на повидок решението и треба да ги охрабриме лидерите на партиите, кои овој пат прифатија во присуство на амбасадорите и во присуство на европскиот комесар да најдат решение. И да ги оставиме да си најдат решение. Тоа што го започнаа треба да го завршат, изјави претседателот Иванов во интервјуто за „Телма“.

Претседателот Иванов изрази подготвеност за разговор со политичките лидери и ги повика уште утре да дојдат во неговиот кабинет.

- Јас секој пат сум бил подготвен да разговарам. Со сите. Никој пат, барем сум покажал во овој период, дека не патам од суета, или од било што друго. И после ова интервју Кабинетот им стои на располагање, тие можат комотно да дојдат. Утре после ова интервју, може да дојдат да разговараат, рече претседателот Иванов.

Во врска со случајот со прислушкувањето, македонскиот претседател очекува истрагата и судот да го каже последниот збор.

- Да го оставиме судот да го каже последниот збор, постои истрага во обвинителството, се води судски случај, кој ќе има правна завршница и ќе веруваме на тоа што врз основа на факти и аргументи докажано а не на тоа што се базира на шпекулации и кампања, изјави претседателот Иванов .

Побара тековните разговорите меѓу лидерите на политичките партии да бидат искористени за постигнување на консензус во однос на стратешки прашања, потенцирајќи го спорот со името.

 

 

Оцени ја веста

18.06.2015 - 08:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега