Нов инвестициски зафат во железницата: Комплетно ќе се реконструираат 10 железнички станици

Министерството за транспорт и врски започнува со проектот за реконструкција и надградба на 10 железнички станици на Коридорот 10 и кракот 10 Д од овој коридор.

-Прва железничка станица што ќе се рехабилитира е железничката станица во Прилеп. За неа веќе издадовме одобрение за градење и слободно можам да кажам дека со ова практично започнуваме еден инвестициски зафат со кој комплетно ќе ги реконстурираме сите железнички станици на Коридор 10 со најдобрите практични решенија, истакна министерот за транспорт Владо Мисајловски.

Се работи за проект вреден околу 2,2 милиони евра во кој покрај станицата во Прилеп ќе се реконструираат и железничките станици: Велес, Битола, Гевгелија, Богомила, Чашка, Табановце, Демир Капија, Градско и Неготино – Вардар. 

Проектот опфаќа целосна реконструкција на сите главни елементи на железничките станици, целосно ќе бидат заменети крововите и подовите, ќе се санираат фасадите и внатрешните ѕидови, ќе биде поставена нова термичка изолација и ќе се изградат нови тоалети.

Комплетно ќе се смени водоводната и електричната инсталација – вклучувајќи ги и внатрешното и надворешното осветлување, ќе бидат поставени системи за греење и ладење, системи за противпожарна заштита, патнички информативен систем, како и подобрување на пристапноста за товарен транспорт и достапност и поврзување со патниот транспорт. При реализирањето на овој проект посебно внимание ќе се обрати на подобрувањето на пристапноста за лицата со намалена подвижност.

Мисајловски очекува дека во првата половина на 2016 година, овие железнички станици ќе имаат комплетно нов изглед со што ќе бидат подостапни за сите граѓани што го користат железничкиот сообраќај.

 

 

Оцени ја веста

24.06.2015 - 11:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега