Се зголемува субвенцијата за енергетска сиромаштија

Субвенцијата на семејствата приматели на социјална помош од август годинава се зголемува и ќе изнесува 800 денари месечно. Субвенцијата во овој износ ќе се исплаќа во период од една година, по што ќе се зголеми дополнително на 900 денари во 2016 и на 1.000  во 2017 година.

Ова го соопшти министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на денешната собраниска седница посветена на поставување пратенички прашања. 

- Субвенцијата за потрошена енергија се исплаќа за околу 10.000 семејства кои се приматели на социјална помош и се наоѓаат во најтешка материјална состојба. Во 2012 година таа се зголеми од 600 на 700 денари, а дополнително годинава со сметките што ќе бидат платени во јули секој примател на социјална помош ќе добие субвенција од 800 денари месечно, рече министерот Спасов, кој додаде дека ако се земе предвид дека исплатата почнала во 2010 година значи нејзино значително зголемување.

За оваа намена во Буџетот за годината се издвоени 81 милиони денари.  

Спасов истакна дека и понатаму ќе се продолжи со реализирање проекти насочени кон најранливите категории граѓани. 

Во рамки на седницата информираше и за низа мерки за вработување лица со хендикеп и зголемениот посебен додаток кој го остваруваат родителите на деца со пречки во развојот. 

- Од 2006 до 2014 година е зголемен за 30 проценти, односно родителите остваруваат за 30 проценти повисока парична помош, а за самохраните родители ова парично право е зголемено за 50 проценти и овие родители остваруваат за 50 проценти повисока парична помош, рече министерот за труд и социјална политика, додавајќи дека  дополнително оваа недела почна со исплата и зголемената парична помош на родителите со деца со пречки во развојот. 

Според него, ова е значителна поддршка на најранивите категории граѓани.  

Посочи дека за вработување на лица со инвалидност се одвоени од буџетот околу 180 милиони денари и дека наскоро ќе почне и реализација на проект за самовработување.

 

 

Оцени ја веста

24.06.2015 - 13:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега