Спасов: 180 милиони денари за вработување на лица со инвалидност

Во однос на низата мерки коишто ги реализира Владата на Република Македонија насочени кон децата со пречки во развојот и лицата со инвалидност, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, одговарајќи на пратеничко прашање, истакна неколку факти и аргументи

Министерот зборуваше за посебниот додаток, кој е парично право коешто го остваруваат родителите на децата со пречки во развојот и додаде дека од 2006 до 2014 година истото е зголемено за 30%, а лани со цел да се обезбеди поголема помош за самохраните родители на децата со пречки во развојот ова парично право е зголемено за 50%.

-Оваа недела започна со исплата на зголемената парична помош за родителите на деца со пречки во развојот кои доаѓаат од материјално необезбедени семејства, односно корисници на социјална и постојана парична помош, веќе од овој месец добиваат за 25% повисока парична помош, што е значителна поддршка за најранливите категории на граѓани, истакна Спасов.

Министерот зборуваше и за вработувањето на лицата со инвалидност и истакна дека како Влада преку посебниот фонд во АВРМ на годишно ниво се одвојуваат околу 180 милиони денари за субвенционирано вработување на лицата со инвалидност, согласно Законот за вработување на инвалидни лица.

-На годишна основа околу 3 милиони евра се издвојуваат како финансиска помоши поддршка на компаниите кои вработуваат лица со инвалидност. Во завршна фаза е подготовката на проектот за самовработување на лица со инвалидност во износ од 5000 евра и плус 3000 евра за две нови вработувања на лица со инвалидност. Буџетските средства во вредност од 60 милиони евра се обезбедени и очекуваме во текот на наредниот месец да започне реализацијата на овој проект којшто е дел од програмата на Владата на Република Македонија, истакна министерот.

Спасов додаде дека со ова се помага на лицата со инвалидност кои имаат свои способности и сопствена бизнис идеја, план и одредена замисла за старт на бизнис, истите да се поддржат финансиски од страна на Владата за да се самовработат и да отворат нови работни места.

 

 

Оцени ја веста

24.06.2015 - 13:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега