Собранието ја заврши 58. и 54. седница

Собранието на Република Македонија попладнево во рамки на 58.седница го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост. 

Пратениците ја продолжија 54.седница во рамки на која не го прифатија Предлог-законот за изменување на Изборниот законик на Република Македонија во прво читање поднесен од пратениците Павле Трајанов и Лилјана Поповска. Тие предложија да има една изборна единица наместо постоечките шест изборни единици и да има отворени листи.

Пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ рече дека се залагаат за една изборна единица поконкретно со отворени листи и со еднаков број жени и мажи на листите. Посочи дека според Донтовиот модел, разликите кои остануваат онаму каде нема гласови за целосен пратеник, сите се пренесуваат на најголемите партии.

- На тој начин се добива една нерамномерна дистрибуција и партиите кои влегуваат во Парламентот го немаат реалното влијание кое го имаат во општеството. На некои им е намалено, а на некои им е нереално зголемено влијанието. Вакви примери има Србија, Црна Гора и Косово, а се дискутира за ова и во Хрватска и во Словенија, додаде Поповска.

Според пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, изборниот систем и спроведувањето на изборите се одраз на демократските капацитети на една држава и затоа треба да се отвори ваква расправа.

- Се сложувам да има квоти за етничките заедници. Ако имате изборна единица од 30.000 гласа, ако учествуваат две политички партии, ако едната добие 20.000, а другата 10.000 гласови на мнозинскиот систем едната партија добива три пратеници, а на пропорционалниот таа што освоила 20.000 гласови два пратеника, а другата која освоила 10.000 гласови еден пратеник. Тоа значи дека пропорционалниот модел е многу поправеден и подемократски за разлика од мнозинскиот, кој ги покажа сите слабости и сега во Англија, додаде Трајанов.

Рафиз Алити од ДУИ рече дека ја поддржува идејата дека е потребно во Република Македонија да има измени на Изборниот законик.

- Република Македонија, мислам дека е во интерес на земјата и на граѓаните, да биде една изборна единица. Листите треба да бидат отворени за да им се даде можност на граѓаните вистински да гласаат за своите претставници кои ќе ги застапуваат нивните интереси во Собранието. Една изборна единица и отворени листи ќе рефлектираат директно ќе влијае врз демократизација на политичките субјекти, институциите..., додаде Алити.   

Собранието констатира дека не е оправдано и нема потреба од автентично толкување на член 5-б став 2 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти, поднесен од пратеникот Лилјана Затуроска.

 

 

Оцени ја веста

25.06.2015 - 19:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега