Делегација на вооружените сили на Норвешка во посета на Македонија

Делегација на Вооружените сили (ВС) на Кралството Норвешка, предводена од началникот на Генералштабот адмирал Хакон Брун-Хансен денеска и утре ќе престојува во официјална посета на АРМ на покана од началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески.

Како што соопшти Министерството за одбрана, норвешката делегација во ГШ на АРМ ќе биде пречекана со високи воени почести, а покрај со домаќинот генерал-потполковник Горанчо Котески, адмиралот Брун-Хансен ќе се сретне и со заменик министерот за одбрана Иљми Селами.

Главни теми на средбата ќе бидат унапредување на билатералната воена соработка, меѓуармиската соработка во регионот, трансформацијата на АРМ и учество во меѓународни мисии за поддршка на мирот. 

За време на престојот во Република Македонија, началникот на ГШ на ВС на Кралството Норвешка ќе посети и одредени команди и единици на АРМ.

АРМ има развиено многу добра соработка со Воените сили на Кралството Норвешка која во изминатите години се одвива на повеќе полиња. Во периодот од  2008 до 2012 година, во рамките на Норвешката полска болница во Мејмана, Авганистан беше распореден хируршки тим на АРМ кој успешно ги извршуваше задачите заедно со норвешките колеги. Кралството Норвешка на АРМ и  донираше комплетна Лесна маневарска полска болница во вредност од околу 2,5 милиони евра, софистицирана опрема за заштита на телекомуникациските врски, медицински материјал и компјутерска опрема во вредност од 57.000 евра, како и менторирање и финансиска поддршка на проектот „Лепеза“ и на Регионалниот центар за односи со јавноста. 

 

 

Оцени ја веста

29.06.2015 - 09:49
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега