Детали за фудбалерот на Силекс кој местел натпревари

 

Министерството за внатрешни работи до Основното Јавно Обвинителство поднесе кривична пријава против 26-годишниот С.В од Кочани, вработен како фудбалер во ФК „Силекс“ од Кратово кој се сомничи дека со цел да се стекне со противправна имотна корист за себе или друг, на четворица соиграчи им ветил подарок во вид на парични средства во износ од по 1.200 евра за секој од нив, со цел на фудбалскиот натпревар кој што требало да го одигра ФК Силекс со ФК Металург на 18.05.2015 година да го завршат со негативен резултат за ФК Силекс, кој резултат не би зависел од спортската игра и правилата на спортскиот натпревар, на овој начин пријавениот го сторил кривичното дело „неовластено давање на подароци“ предвидено  и  казниво по чл.253-а ст.4 од КЗ на РМ.

Во просториите на ПС Кратово извршени се разговори со четворицата соиграчи на пријавениот и истите дале скоро идентично појаснување околу одиграниот натпревар на ден 18.05.2014 година помеѓу екипите на ФК Металург и ФК Силекс, односно дека пред одигрувањето на натпреварот пријавениот им понудил парични средства во износ од по 1.200 евра за секој од нив, за да одиграат под своите реални можности со цел да го изгубат натпреварот. Ваквата понуда фудбалерите не ја прифатиле и според нивно кажување одиграле максимално професионално, при што натпреварот завршил со резултат 3:1 во корист на  ФК Силекс.

Истите кажуваат дека во три наврати (21, 22 и 23.05.2015 година) биле контактирани од пријавениот поради потребата заедно да одат во Пробиштип за да остварат средба со четири лица, од кои две зборувале на македонски, а две на бугарски јазик. Од разговорот и самиот настап на четирите лица, фудбалерите дошле до заклучок дека целиот проблем е во врска со одиграниот фудбалски натпревар со екипата на ФК Металург кога ФК Силекс победи со позитивен резултат (3:1), односно едно од лицата се пожалило дека се обложувало на наведениот натпревар и изгубило околу 40.000 евра. Поради губењето на паричните средства од обложувањето, од четворицата фудбалери побарале да им исплатат 15.000 евра, а остатокот до 40.000 евра (25.000 евра) да им го исплати пријавениот. Притоа на средбата им биле упатени и сериозни закани доколку не биде извршена исплата на паричните средства.

По ова, веќе наредниот ден (22.05.2015 година) кога од страна на клубот им била исплатена плата, фудбалерите им ги дале исплатените плати, по што од страна на лицата им било кажано дека тие повеќе немаат никакви обврски кон нив и дека целиот проблем околу настанатата ситуација ќе го решаваат со пријавениот, кој со нив се договарал и гарантирал за конечниот резултат на натпреварот.

МВР продолжува да постапува по случајот и да работи на утврдување на идентитетот на инволвираните бугарски и наши државјани, како и евентуалната вмешаност и на други лица.

 

 

 

 

Оцени ја веста

02.07.2015 - 11:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега