Билјана и Филип се младенците на 42. Галичка свадба

Билјана Геговска и Филип Белчев се годинашни невеста и зет на 42. Галичка свадба која на 11 и 12 јули ќе се одржи во Галичник во рамки на „Галичко лето 2015“.

- Имавме повеќе кандидати, но Советот на месната заедница Галичник како организатор на манифестацијата се определи за овој пар. Билјана е од Галичник и досега учествувала во многу свадби и спотови за оваа манифестација, рече Митре Аџиевски, претседател на МЗ Галичник.

Инаку, Билјана Геговска има 29 години, е дипломиран правник по професија и е вработена во приватна градежна компанија. Филип, пак, има 26 години и по професија е професор по македонски јазик и во моментов е невработен.

- Чувствувам голема возбуда и среќна сум што ќе бидам галичка невеста. Уште како дете се замислував да бидам невеста во оваа носија и тоа го посакував повеќе отколку да бидам во бел фустан. Носијата е тешка, но се чувствувам убаво, вели Геговска.

Зa Филип чест е, вели, да се биде дел од оваа традиционална манифестација и да се прави свадба според традиционалните обичаи.

Годинашниот галички пар го очекува и класична свадба на 5 септември.

Во рамки на овогодишното „Галичко лето“ ќе се одржат книжевна и ликовна колонија. Книжевната колонија „Галичник“ традиционално се одржува во првата половина на август, но поради смртта на истакнатиот поет Тодор Чаловски, по потекло од Галичник, годинава манифестацијата е поместена за средината на септември. Ликовна колонија, пак, оваа година ќе угости повеќе домашни и странски уметници, а ќе се одржи од 15 до 23 август.

По повод верскиот празник Преображение ќе биде организирана свеченост, а црквата „Св. Петка“ ќе биде цела ноќ отворена за посетители.

Галичката свадба која е основен белег на Галичкото културно лето обединува над 30 свадбени обичаи карактеристични за мијачкиот крај од кои повеќето и денес се изведуваат за време на свадбени веселби. 

 

 

Оцени ја веста

02.07.2015 - 12:12
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега