Надвор вистински пекол: Бесплатни прегледи и совети низ цела Македонија

Четврта година по ред Министерството за здравство во соработка со сите здравствени домови во државата организира пунктови за бесплатни превентивни прегледи и совети за превенција од топлото време.

Почнувајќи од денеска, пунктовите ќе функционираат секој ден (вклучувајќи и сабота и недела), во периодот од 18:30 до 21:30 часот, на точно определена локација во секој град. Распоредот на локации за бесплатни превентивни прегледи за топлото време е објавен на веб-страната на Министерството за здравство.

Превентивните прегледи, како и изминатите години ќе се вршат на локации каде има поголема фреквенција на движење, како што се: градските плоштади, паркови, и слично, во рамки на вкупно 33 здравствени домови низ државата. Во Скопје секој ден ќе има по еден статичен пункт во Центар, на Кејот на реката Вардар (зад Владата) и по два мобилни тима кои се распоредени во другите општини во градот (мобилните тимови ќе се ротираат секој ден во две различни општини, и тоа: Ѓорче Петров и Драчево, Карпош и Аеродром, Центар и Бутел, Чаир и Кисела Вода, Гази Баба и Шуто Оризари).

На овие пунктови се врши мерење на крвен притисок, се споделуваат информации за заштита од високи температури и препораки за здрави животни навики. Во текот на акциите на граѓаните им се дели и печатен материјал во форма на брошури за превенција од топлотни бранови, како и вода за пиење, овошје за освежување.

Бесплатните превентивни прегледи на овие пунктови овозможуваат навремено откривање на ризик факторите за кардиоваскуларни и други заболувања, а воедно ги  поттикнуваат граѓаните за навремено и редовно вршење преглед кај својот матичен лекар.

Целта на акцијата, која веќе четврта година по ред ја спроведуваме, е унапредување на превентивната здравствена заштита во целата држава и подигнување на нивото на личната свест за грижа за здравјето и заштита од температурните влијанија.

Изминатите години оваа акција за превентивни прегледи од топлото време наиде на многу позитивен одѕив кај граѓаните. Тоа го покажуваат и големиот број реализирани превентивни прегледи. Во периодот од 2012 – 2014 година (односно изминатите три летни сезони), само во рамки на Здравствен дом Скопје превентивни прегледи и совети за превенција од топлото време добиле вкупно 35.000 граѓани. Меѓу нив, извршени се вкупно 25.561 мерење на крвен притисок, вкупно 1361 пациент се советувани да се јават на понатамошни прегледи кај матичен лекар, додека вкупно 58 пациенти досега се карактеризирани како итни и упатени се веднаш да се јават кај најблискиот дежурен доктор (или во ГОБ „8 Септември“). Инаку, на ниво на целата држава во просек се вршат околу 15.000 прегледи месечно.

Оваа акција на бесплатни превентивни прегледи овозможува граѓаните да добијат и бесплатен преглед од медицинските тимови од здравствените домови, и корисни совети за здрава исхрана и здрави стилови на живеење. Очекувам дека, како и досега, ефектите од организирањето на овие акции ќе бидат видливи, односно ќе им помогнеме на граѓаните полесно да се справат со температурните влијанија, да го заштитат своето здравје (доколку има потреба навреме да се јават на понатамошни прегледи), а воедно да ја намалиме потребата од интервенции од страна на Итната медицинска помош.

 

 

Оцени ја веста

07.07.2015 - 14:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега