Скопјанец доживеал струен удар додека работел на далновод

Работник од Скопје кој вршел замена на изолатори на далновод во Маврови Анови доживеал струен удар и заработил изгореници од прв и втор степен. 

Несреќата се случила вчера околу 13:30 часот. Со повреди се здобил Д.К. од скопско Кадино, анагажиран преку фирмата „Електро-Комерц“ од Скопје. Според тетовската полиција, работникот бил качен на столб од далновод кој минува покрај браната на Мавровското Езеро на висина од 12 метри. Откако доживеал струен удар, Д.К. изгубил свест, но, за среќа сигурносниот појас не дозволил пад.

Четворица негови колеги го симнале и брзо го пренеле во гостиварската болница, од каде, поради сериозноста на повредите бил пренесен на скопските клиники.

Увид на местото на несреќата извршиле истражен судија, јавен обвинител и полициска екипа.