Меѓународниот фактор бара избори во април: Договорот од 2 јуни мора да се почитува

Меѓународниот фактор е цврсто решен и покрај противењето на опозицијата во април идната година да се одржат предвремени парламентарни избори во Македонија. Овие ставови според информациите кои ги објавуваат медиумите кои важат за блиски до опозицијата директно вчера му биле кажани на лидерот на СДСМ Зоран Заев во серијата телефонски разговори кои со него ги имале високи дипломатски претставници но и еврокомсарот Јоханес Хан.
И неговата портпаролка во изјава за македонските медиуми потврдува дека договорот потпишан на 2 јуни мора да се спроведе и им порача на политичките лидери да се насочат кон интересите на државата и да ги стават пред партиските интереси.

„Политичка енергија треба да се фокусира на  реализација на реформите како што е наведено во препораките на Комисијата, а не на  партиските интереси.  Да потсетам  дека четворицата лидери потпишаа договор на 2 јуни и го потврдија ова, на 19 јуни. Овој договор е основа за конечниот компромис.  Тие мора да ги спроведат обврските. Интересот  на земјата мора да  бидат  во прв план “ вели за порталот Фактор Маја Коцијанич.

Вчера во јавноста беше објавена анкета на Американскиот републикански институт (ИРИ) со седиште во Вашингтон. Според неа. ВМРО-ДПМНЕ и натаму ужива повеќе од двојно поголема предност пред СДСМ. И покрај серијата објавени бомби и политичката криза која опозицијата ја креира повеќе од 6 месеци, рејтингот на партијата од Бихаќка стои бетониран. Експертите коментираат дека тоа е јасна порака дека граѓаните не се согласуваат со деструктивната политика на Заев и дека се подготвени на следните избори да му испорачаат уште една силна порака дека на власт се доаѓа со конкретна програма и проекти, а не по насилен пат.

И самиот Заев вчера само неколку часа по анкетата на ИРИ потврди дека неговата единствена цел била да ги минира преговорите за да не се организираат избори во април.

Апсолутно, избори во април ниту очекуваме некој да организира, ниту е можно без опозицијата да се организираат. Да напоменам уште еднаш. На Македонија и требаат избори, но тие избори мора да бидат фер, демократски, слободни и регуларни. Притоа, нормализацијата на институциите, враќањето на демократските институции... се веќе опфатени во второ-јунскиот договор. “ – изјави Заев на вчерашната прес конференција.

Од ВМРО-ДПМНЕ вчера преку писмено соопштение излегоа со став дека вчерашната прес конференција на Заев е само доказ дека лидерот на СДСМ се плаши од избори а причина за тоа се резултатите од анкетата на ИРИ

Со денешната прес конференција се докажаа нашите сомневања дека Зоран Заев и СДСМ не сакаат избори, се плашат од нив и бегаат, посебно поради денес објавената анкета на американскиот Интернационален републикански институт. Зоран Заев знае дека следните избори ќе ги загуби и затоа бега од нив.

Денес се докажа дека Зоран Заев и СДСМ ги користат лепените и креирани снимки за класична уцена врз државата и нејзините интереси.

Денешната прес конференција е доказ дека Зоран Заев бега од договорот од 2 Јуни кој самиот го потпиша, а чиј поддржувач беше Европската Унија. Договорот го потпиша Зоран Заев, но не беше прифатлив за Милчин, Фрчкоски, Ордановски и Геровски. Заев денес покажа дека повеќе ги слуша нив од тоа што се слуша самиот себе.

Се докажа дека Зоран Заев и СДСМ преку создавање и долготрајно оддржување на политичката криза сакаат негативно да влијаат на растот на економијата и отворањето на нови работни места. На тој начин прават штета на секој еден граѓанин во Република Македонија.

Зоран Заев и СДСМ ја докажаа деструкцијата кон сопствената земја и сопствениот народ. Докажаа дека им се важни само личните и партиски интереси и желбата да дојдат на власт без да добијат поддршка од граѓаните на избори.“ – стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ

Експертите коментираат дека не треба да биде изненадување ако Заев по посетата на Хан, која е најавена за идната недела кога се очкува да дојде и Викторија Нуланд о смени ставот и повторно седне на преговарачка маса. Јавноста памети дека опозицискиот лидер во помалку од една недела три пати се повлекуваше и враќаше на преговорите.

 

 

 

 

Оцени ја веста

09.07.2015 - 12:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа