Комисиска дебата за листата реформи и приоритети на Прибе


Дебатата за листата реформи и приоритети на Прибе во Собранието е оценета како позитивен чекор, а пратениците генерално сметаат дека е потребна имплементација на законите. Од седниците на комисиите за политички систем и за прашања на изборите и именувањата повторно беше упатен апел до опозицијата да учествува во работата на Собранието. 

За пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како што кажа пратеникот Антонио Милошоски на Комисијата за политички систем, Извештајот на Прибе е многу сериозен документ кој неформално може да се нарече „Евангелието по Прибе“, кое сакаат да се спроведе во најкус можен рок.  

- Овие препораки би било најдобро да ги спроведеме со опозициските партии, ДПА и СДСМ. Се надеваме дека нивното учество ќе биде наскоро обезбедено и дека ќе најдат капацитет бидејќи се работи за препораки кои не се врзани со личности, со идеологија, со каква било политичка догма туку се препораки што треба да ги зголемуваат стандардите, нивото и нормите на однесување во системот на Република Македонија, рече Милошоски. Останува на опозицијата дали целосно ќе се врати во Собранието или ќе се вклучи во одредени комисии, кои се позначајни за усвојување на овие препораки.

Усвојувањето на овие препораки ќе значи многу за подобрувањето на досието на Република Македонија, но предупреди Милошоски, спроведувањето на овие препораки не треба да претставува можност за злоупотреба од страна на политичките партии или за условување за исполнување други политички, партиски, етнички, идеолошки или други определби, кои не се дел од препораките на Прибе.

Најави дека следната недела Комисијата за надзор над УБК ќе одржи седница и оти во средината на месецот ќе следи уште посета на оваа институција. Предложи за да се надминат недостатоците во Народното правобранителство, да бидат избрани уште тројца заменици народни правобранители, еден Албанец и двајца Македонци. Во однос на Комисијата за борба против корупцијата, Милошоски смета дека тука главниот збор треба да го има опозицијата. - Борбата против корупцијата треба да биде системски приоритет, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.  

Артан Груби од ДУИ рече дека извештајот на Прибе произлегол и од политичкиот договор од 2 јуни постигнат од страна на четворицата лидери на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА во присуство на претставници на меѓународната заедница.

Во Акцискиот план на Владата, меѓу другото, на предлог на ДУИ се опфатени и прашања за Охридскиот рамковен договор и меѓуетничките односи и евроинтеграциите.

- Меѓу прашањата на Рамковниот договор и меѓуетничките односи се употребата на службените јазици, помирувањето, ресоцијализацијата на учесниците од конфликтот во 2001 година, консензуалноста, правичната застапеност, националните симболи, балансиран регионален развој, фер и правилен буџет, договорот од 29 мај меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, мерки за изградба на доверба, втор канал на албански јазик кој ќе работи 24 часа и поделбата на трите клучни позиции во државата пропорционално со ротации, претседателот, претседателот на Парламентот и премиерот, рече Груби.

ДУИ побарала опфат на добрососедски односи со Косово, Албанија, Бугарија и Грција, вклучувајќи го и прашањето за името.           

- Посебно би се фокусирал на потребата од контрола на службата за разузнавање од каде произлегоа сите прислушувања кои ја предизвикаа оваа криза во Република Македонија и ги надминува сите претходни кризи од независноста до денес. Препораките да се отстрани целата апаратура за прислушување од УБК е соодветна и верувам дека не треба да се дозволи ниту една од државните институции да имаат пристап до прислушувањето на телефонските разговори на граѓаните, рече Груби.

Препораката, според него, вели дека апаратурата треба да се стави кај операторите, а неприфатливо е партиска личност да биде на чело на институции како УБК, Агенцијата за разузнавање и Воената агенција за разузнавање. 

Пратеничките Роза Топузовска Каревска и Лилјана Поповска сметаат дека Комисијата за политички систем треба да организира неколку надзорни расправи и тоа за работата на Дирекцијата за заштита на личните податоци, на Државната изборна комисија, за Антикорупциска...

- УБК е посебна приказна. Со години не го доставува својот извештај за работата. Треба да се повика јавниот обвинител, како и министерот за информатичко општество и администрација, а треба да се одржи и расправа за МРТ, рече Топузовска Каревска.

Поповска, пак, рече дека самото дебатирање за извештајот на Прибе во Парламентот е позитивен чекор.

Кенан Хасипи од ДПТ рече нема особени забелешки за македонското законодавство, но оти затајува нивната имплементација. Хасипи вели дека и да ги исполниме реформите тие ќе бидат ставени под прашалник ако нема присуство на опозицијата.

Делот В од листата на реформи и препораки на Прибе ги разгледуваше и Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Претседателот Зоран Илиоски истакна дека именувањата се одвиваат на транспарентен начин, дел се на предлог на Комисијата, дел од овластените предлагачи и дел комбинирано.

- Во одредени законски измени од 2014 години се предвидува објавување јавни огласи, но има процедури кои не го предвидуваат тоа. Можеби треба да продискутираме за ова прашање, вели Илиоски.

Дел од пратениците посочија дека треба да се зголеми надзорот што ќе го врши комисијата со посети на именувани и избрани лица, како и да се подобри имплементацијата на законите.

 

 

Оцени ја веста

09.07.2015 - 16:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега