Трансакцијата за спојувањето на Вип и ОНЕ ќе заврши до крајот на годината

Целосното затворање на трансакцијата за спојување на Вип оператор и ОНЕ во Македонија, како подружници на Телеком Австрија Групацијата и Телеком Словенија, се очекува во последниот квартал од оваа година. 

Извршниот директор на ВИП, Никола Љушев вели дека ги чека долг процес со бројни предизвици и дека очекува да се исполнат преземените обврски за овозможување услови за услуги на нови виртуелни мрежни оператори.

Како што посочува веќе преговараат со одредени компании, а според преземените обврски треба да се овозможат услови три месеци по затворање на трансакцијата и да профункционираат девет месеци по завршување на овој процес. 

Бенефит од спојувањето на двете компании во Македонија, според него ќе имаат и граѓаните и економијата и државата. 

За корисниците ќе бидат понудени поконкурентни производи и услуги, а за државата ќе има посилна компанија со поголем профит. 

Спојувањето придонесува новата компанија да се доближи до сегашната водечка компанија на македонскиот пазар Т-Хоме. 

Спојувањето на двете компании беше одобрено вчера од Комисијата за заштита на конкуренцијата. На 22 октомври 2014 година, Телеком Австрија Групацијата објави дека е постигнат договор со Телеком Словеније Груп да се спојат нивните подружници Вип оператор и ОНЕ кои работат во Република Македонија. Телеком Австрија Групацијата ќе поседува 55 отсто и ќе има целосна контрола врз новосоздадената компанија, додека Телеком Словеније Груп ќе поседува 45 отсто од сопственоста. Покрај тоа, договорот вклучува и опции за излез на Телеком Словеније Груп од заедничката инвестиција во рок од три години од завршувањето на спојувањето.

 

 

Оцени ја веста

09.07.2015 - 16:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега