Објавен е конкурсот за прием на студенти во студентските домови

Објавен е конкурсот за прием на студенти во студентските домови за студиската 2015/2016 година.

Од Министерството за образование и наука информираат дека конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните студентски домови и други објекти за сместување во Република Македонија за студиската 2015/2016 година е објавен во печатените медиуми и на интернет страницата www.mon.gov.mk, а пријавувањето се врши електронски, со пополнување на пријава поставена на страната  www.smestuvanje.mon.gov.mk.

Предвидени се 6.058 слободни места во домовите, а распределбата на леглата ќе се врши согласно Законот за студентски стандард, во кој студентите се делат на три категории:

„Во првата, опфатени се студентите од ранливите категории, односно од семејства чиишто вкупни приходи не ја надминуваат нето минималната плата утврдена во Република Македонија. Опфатноста на оваа категорија на студенти, кои имаат предност при сместувањето е до 40 проценти од вкупниот број на легла во домовите. Втората категорија се студенти кои постигнале особено висок успех во учењето. Опфатноста на оваа категорија на студенти е до 25 проценти од вкупниот број на легла во домовите. Третата категорија се студенти коишто не се опфатени во претходните две категории, за кои ќе се распределат до 35 проценти од вкупниот број на легла во домовите“, стои во денешното соопштение од МОН.

Од Министерството информираат дека електронското пријавување на студентите од II година и повисоките години на студирање почнува од 12.07.2015 година и ќе трае до 12.08.2015 година, додека електронското пријавување на студентите од I година почнува од 18.08.2015 и трае до 28.08.2015 година.

Студентите, кои ги исполнуваат условите и пополниле електронска пријава за сместување во некој од студентските домови во Скопје, документацијата наведена во конкурсот ја доставуваат до Министерството за образование и наука и тоа, студентите од II и повисоките години во периодот од 13.08.2015 година до 20.08.2015 година, додека студентите од I година во периодот од 31.08.2015 година до 04.09.2015 година. Студентите коишто аплицирале за сместување во некој од студентските домови надвор од Скопје, документите ги доставуваат до Комисијата за прием и проверка на документацијата во домот за кој конкурираат.

„Конечниот список за прием на студентите од II година и повисоките години на студирање ќе се објави на 29.08.2015 година, додека конечниот список за прием на студенти од I година ќе биде објавен на 12.09.2014 година, на огласните табли во студентските домови каде конкурирал студентот и на интернет порталот www.smestuvanje.mon.gov.mk, по што, во рок од 5 дена од денот на објавувањето постои можност за доставување на приговор до архивата на Министерството за образование и наука“, истакнуваат од МОН.

Доколку и по објавување на конечните списоци со примени студенти во студентските домови, останат непополнети сместувачки капацитети во одреден дом, електронското пријавување ќе продолжи сé до целосно пополнување, но ќе трае најдоцна до 25.09.2015 година

 

 

Оцени ја веста

11.07.2015 - 13:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега